Извештај за активности 14.03.2024

Го менуваме начинот на објавување новини со цел да бидеме поефикасни во истото. Бидејќи има многу активности, отсега ќе објавуваме месечни или периодични извештаи за работата на терен, а како посебна новост ќе ги објавуваме само поголемите и поважни новости.

Во периодот од 04.02-14.03 2024 ги издвојуваме следниве активности на Македонската Бесконечна Трансверзала:

  • Завршено трасирањето на целокупната секција I3 – Демир Капија до Смолари ! Со дотрасирањето на последните 7 километри од трасата помеѓу Градешка планина и Плавуш се заврши последниот сегмент од секцијата I3 на Македонската Бесконечна Трансверзала, позната и како секција на спили и водопади ! Веќе во обработка е и деталната финална мапа од оваа секција која ќе ја објавиме наскоро.
  • Завршено трасирањето по планината Осој – дел од првата секција од Западното Крило, поточно делот помеѓу Раса и Табахон, дел кој ги опфаќа врвовите Крстец Тепе и Согоре. Трасата води претежно по или во близина на гребенот на планината од каде се пружаат погледи кон високите снежни врвови на Шара од едната и Сува гора од спротивната страна, како и на кањонот на Треска и вештачките езера Матка, Козјак и Св. Петка.
  • Монолитски светилишта ! Во Македонија постои еден голем рид полн со монолити, како една голема градина на монолити од разни форми и големини. Хармоничното и можеби намерното уредување на овие импозантни камени структури создаваат неверојатна мистична глетка и живописна средина. Трасирана нова патека со која ова епохално здание наскоро ќе се најде на самата траса на секцијата I3 !
  • Направено уште едно извидување за конектирање на трасата помеѓу јужниот и северниот дел на планина Жеден, секција Z1. Трасирани се неколку нови километри и разгледани
    повеќе опции за конекција, останува да се одбере најдобрата и најодржливата варијанта.
  • Се направија повеќе проверки, расчистувања , делумно маркирање и понатамошно подобрување на трасата на секција I5:
    -Комплетно е ретрасирана, подобрена и расчистена трасата помеѓу Раткова скала и водопад Шталковица се до Лесновските пештер
    -Расчистен делот помеѓу Саваро – манастирот Бела Вода – Вранинци – Мактеон. Во овој реон се изврши подлабоко чистење на делот под и над Вранинци каде трасата беше на места тешко проодна бидејќи претходно никогаш не беше исчистена
  • Помали проверки и измени на трасата Матка према Козјак, секција Z1
  • Расчистен делот помеѓу Бељаковски манастир и атарот на село Пезово, секција I7
  • Расчистен делот помеѓу село Пчиња и Врв Голик, секција I7
  • Помали корекции во делот на Бислимска Клисура – пробиена и расчистена нова патека на еден мал сегмент од 500м покрај реката Пчиња кој ќе овозможи многу подобра одржливост на патеката во овој дел во иднина