За потребите на идното западно крило, поточно секција Z1, во текот на изминатиов месец трасирана и расчистена е патека од Матка до Козјак, поточно делот од Маткино трло до врвот Козјак.
Дополнително, поставена е привремена лентова маркација на одредени критични делови за да се намали потребата од следење на ГПС записот.
На овој дел од трасата ве очекуваат прекрасни пејсажи кон карпестите западни падини и снежните ( во ова време ) врвови на Сува планина, а на спротивната страна го имате на дланка целиот кањон на реката Треска и трите вештачки езера – Матка, Св.Петка и Козјак. Попатно трасата води покрај манастирот Св.Никола Шишевски, Карпите на Маткино трло и по една пештера и пропаст.
GPS записот со вклучена конекција до веќе познатата патека Водно-Матка може да го превземете на следниов линк: Sammiana-Matka-Kozjak
Предупредување:
– Патеката не е маркирана. Поставена е привремена лентова маркација само на одредени нејасни делови во втората третина од патеката, односно по пресекување на асфалтниот пат кој води кон браната Св.Петка. Следствено, не е препорачливо да се користи доколку немате искуство во следење на ГПС трака и никако ако сте почетник во планинарење.
– Патеката на повеќе места, пред се во последната третина од трасата е нејасна или воопшто ја нема. Олеснително е тоа што во оваа последна третина претежно го следите сртот и доволно е само мала помош од GPS записот.
– Патеката е „тешка“ за нозе. Посебно во последната третина од патеката подлогата често е полна со помали и поголеми камења а со тоа движењето е поспоро и потешко за нозете.
Однапред благодариме ако по поминувањето на овој дел од Македонската Бесконечна Транверзала ни пратите ваше мислење и рецензија.