Секција I1

( Партизанска трансверзала )

I1 – Капиново – Скочивир 167.2km

Основни Податоци:

  • Должина: 167.2КМ
  • Елевациски профил на секцијата:

GPS запис:

Записот за секцијата I1 е комплетен со сите траки, маркери и додадена дигитална елевација.

Превземете го GPS записот (KML формат ) од оваа секција ТУКА

Објаснување за значењето на маркерите , типовите на стази и бои кои се користат може да прочитате ТУКА

Google МАПА: ( Како се користи ? )

Позначајни врвови достапни непосредно или преку странични патеки:

– Врв Свирчаец
– Врв Биса
– Врв Кадиица
– Врв Љута
– Врв Златоврв
– Врв Козјак
– Врв Студеница
– Врв Чуле
– Врв Устрелец ( Алтернативна преку Устрелец, Момата, Домаќинско чешмуре )
– Врв Две Стени

Опис/Статус:

Капиново-Св Спас,Мокрени:

 Оваа секција почнува од центарот на Македонската Бесконечна Трансверзала, т.е. од пред црквата во раселеното село Капиново. Се оди по широк шумски пат се до преслапот над Капиново од каде се преоѓа на потесна патека која набрзо повторно преоѓа во широк шумски пат кој води до Богомила. На влезот на селото патеката на кратко излегува на асфалтен пат и поминува преку стариот мост во Богомила.
По кратко движење низ Богомила излегувате во атарот на Богомила по кои се движите исто така по широк пат кој покасно преоѓа во потесна планинска патека кога ќе скршне кон Ниња Кула (920мнв). По убава шумска патека доаѓате до превојот источно од Ниња Кула и полека се спуштате према Мокрени. Неколку километри пред Мокрени се преоѓа постепено повторно на широк шумски пат од кој се делите кратко пред влезот во село Мокрени и продолжувате по кон манастирот Св.Спас. над село Мокрени.

Статус: Патека во овој дел е скоро целосно маркирана , освен во делот после Богомила до почетокот на искачувањето кон Ниња Кула.

Св.Спас- врв Гарван:

Од Св.Спас набрзо се одвојувате од широкиот пат и тргнувате по планинска патека која поминува низ убава густа висока шума се до излегувањето на сртот Соколец каде кратко потоа патеката врти во насока на Белутино, преминува во поширок убав шумски пат кој по неколку километри повторно преминува во тесно патче кое оди генерално по сртот на Бабуна, поминува низ месноста Три Буки и се искачува до врвот Гарван.
Делот према и после врвот Гарван е еден од најубавите делови на целата секција, со прекрасни панорамски погледи на речиси цела Македонија и доколку погодите убаво време сигурно ќе ви остане во сеќавање.

Статус: Делот од св.Спас до исклучувањето на патеката на сртот Соколец према врв.Биса е маркиран. Делот кој оди по сртот на Бабуна према Гарван сеуште не е целосно маркиран, меѓутоа со помош на ГПС  не би требало да имате проблем со следењето на мапата.

врв Гарван-с.Дупјачани:

Од врвот Гарван по широк тракторски пат се спуштате по сртот према Чалтанова пештера. По седлото се преминува на козја патека која по мало искачување повторно се спушта према старите рудници во областа Манастириште, а потоа преку Заполошки рид се движи кон село Дреновци. Пред с. Дреновци патеката излегува на селски пат и се движи помеѓу обработливи површини се до асфалтниот пат Дупјачани-Небрегово.

Статус: Во овој сегмент никаде нема маркирана патека но со ретка помош од ГПС сигналот се поминува без проблеми, а патеката е свежо исчистена и проверена.

Дупјачани- Плетвар:

Патеката преоѓа во тесна патека брзо по одминувањето на асфалтниот пат, поминува преку Орлов камен, под ридот Сурун, го заобиколува Горно село и се искачува до под манастирот Трескавец, од каде почнува да се спушта кон Дабница, а потоа преку превојот Света Пeтка води кон Прилепско езеро. Пред и после езерото патеката поминува низ убава зимзелена шума за веднаш потоa повторно да почне да се искачува по падините на Бабуна, поминува низ село Крстец и продолжува да се искачува се до врвот Козјак ( 1747мнв)  од каде потоа релативно брзо се спушта до Плетвар ( 998мнв). Овој сегмент изобилува со широки погледи кон околината и поминува низ бројни интересни камени форми и повеќе историски  и археолошки локалитети ( црковни обележја, светилишта, древни гробници… )

Статус: Патеката е чиста но само наместа маркирана, меѓутоа со неколку исклучоци истата е јасна, видлива и со помош на дадениот ГПС запис/мапа е лесно за следење.

Плетвар- Прилепец

Низ убава шума и убава патека се искачувате прво до локалитетот Трајаново Чешмиче , а од таму до сртот на Селечка планина. Потоа по сртот се движите по убава разгазена патека, поминувате под врвот Чуле и понатаму се до превојот према Прилепец од каде се спуштате под карпите на Остра страна по ридот Скрка се до Прилепец, односно до широкиот пат кој ве води до манастирот Св.Никола во Прилепец
Овој сегмент исто така изобилува со прекрасни панорамски погледи према Мариово и Пелагонија и изобилува со интересни помали и поголеми камени формации , високи карпи и слично.

Статус: Делот до сртот на Селечка планина е маркиран, а понатаму има само наместа маркирани делови, меѓутоа патеката е претежно јасна освен во делот пред Прилепец каде ќе треба да припазите на ГПС записот и мапата

Прилепец- Расимбегов мост

Од манастирот св.Никола над Прилепец повторно по планинска патека се искачувате кон врвот Две Стени коj е достапен по кратка странична патека. Од тука патеката полека се спушта се до излезот на асфалтниот пат кај раскрсницата за село Бонче од каде повторно се искачува кон врвот Висока ( 1471мнв). По одминување на врвот патеката полека се спушта по сртот и по некое време врти кон долината на Крушевица, каде преминува на широк планински пат, го сече асфалтниот пат кон село Чаниште и навлегува во кањонот на Црна река се до Расимбегов мост каде излегува на асфалт пред мостот.

Статус: Патеката од Прилепец до под врвот Две Стени е солидна но на неколку места нејасна . Од делењето према село Бонче па се до под врвот Висока има маркација а патеката на неколку места е нејасна. Од Висока па се до крајот на целата секција I1 нема повеќе маркирани делови од трансверзалата.

Расимбегов Мост – Рапешки мост

Кратко после мостот патеката скршнува од асфалтот , се искачува и по најчесто широк пат се искачува околу 150м и потоа без поголеми промени на елевацијата по широк пат продолжува најпрво кон село Манастир а потоа широкиот пат продолжува кон село Зовиќ за некаде на пола пат да прејде во убава планинска патека која води се до село Зовиќ. Во селото влегува преку познатиот „филмски“ камен мост и по кратко движење низ селото повторно излегува од селото и по планински патчиња оди кон Чебренски манастир. Малку пред манастирот патеката скршнува и се спушта покрај Црна Река и се движи по десниот брег на реката до Рапешки мост а потоа преку мостот преоѓа од левата страна на реката. Овој сегмент има неколку историски знаменитости.

Статус: Од Расимбегов Мост до неколку километри после Манастир се оди по убави широки патишта а потоа патеката преоѓа во потесно патче до крајот на оваа секција. Во делот од Зовиќ до Рапешки манастир на повеќе места патеката е нејасна меѓутоа со ГПС записот нема да имате проблем да ја поминете. Потоа до Рапешки мост на неколку места е обрасната меѓутоа се поминува без поголеми проблеми.

Рапешки мост – с.Скочивир

Овој сегмент продолжува низ клисурата на Црна Река што овозможува често убави пејсажи од клисурата, а делот покрај самата река и малите песочни плажи се сосема друго искуство. Патеката се движи непосредно до реката за по неколку километри да почне да се искачува високо над кањонот и потоа без големи промени на елевацијата продолжува до село Скочивир.

Статус: Ова е најслабо „средениот“ дел на цела секција I1 и во моментов не го препорачуваме за неискусни планинари и авантуристи поради подолги делови каде патеката е најасна и бараат следење на ГПС записот, како и неколку опасни делови на самата патека. Дополнително ова е еден од најзафрлените и пусти делови Мариово па и патеката на места е обрасната и на моменти бара снаодливост. Од Рапешки мост до Косата карпа патеката е убава меѓутоа на неколку места поминува непосредно до реката и може да биде поплавена после обилни врнежи кога водостојот на Црна Река кај Р.Мост е над 70цм. Делот кај Косата Карпа иако краток сепак е опасен за поминување.