Придружи се и помогни !
Зошто да се придружите ?
Македонската бесконечна трансверзала е мега проект кој неможе да биде комплетиран и одржуван од поединци, едно планинарско друштво, една компанија и слично. Барем не во форма како ја имаме замислено, а тоа е да стане препознатлива и одржана долгометражна стаза која во иднина ќе ја користат многу домашни и странски љубители на природата.
Сведоци сме на многу помали проекти од оваа област кои биле реализирани од поединци или помала група но најголем дел од нив по некое време пропаѓаат. Многу од нив биле финансирани од одредени донации или од државен буџет и потоа никогаш вистински не заживеале. Проблемот е што многу од овие проекти ги работат луѓе кои не ги работат од задоволство туку од корист.
Затоа, нашата идеја е да се здружиме заедно оние кои ја сакаат природата и на кои оваа патека би им причинувало задоволство да ја поминуваат и помагаат во одржувањето.
Кој може да се придружи ?
Во проектот може да се придружи било кој поединец, група, планинарско или спортско друштво кој сака да учествува во овој проект.
Што може да очекувате?
На почеток не очекувајте ништо посебно. Доволно е да се пријавите а со време ќе се организираме подобро и Се надеваме со време организацијата ќе се постави на некое солидно ниво и ќе произлезат многу посериозни и поорганизирани постапки
Како да се придружите ?
Едноставно, заследете не на социјалните мрежи и/или пратете маил на info@sammiana.com за да го најавите вашиот интерес за некаков вид на поддршка,учество,помош и слично.
Како да помогнете
-Најлесно може да помогнете со тоа што ќе ја пешачите патеката и ќе ја споделите информацијата за неа со вашите пријатели
– Додавање на разни корисни информации, како на пример извори на вода во близина на патеката и нивна издашност во одредени делови од годината, погодни места за кампување, историски и општи знаменитости во близина, информации за блиските преноќишта, продавници, ресторани и се останато што треба на некој „Thru-Hiker” да му помогне во својата 2000 километарска авантура.
– Понатамошно трасирање на деловите кои не се финализирани како и предлози за измени и поправки на деловите кои се веќе обележани како финални.
Во втората фаза, откога ќе се постават основните организациски структури, ќе биде потребно секако и :
– Кога ќе се финализира трасата , маркирање и обележување на трасата
– Секаков тип на помош околу промоција на интернет, одржување на веб страната, модерирање на страните на социјални медиуми и слично.
-расчистување на патеката, посебно во деловите со бујна вегетација ќе биде потребно почесто расчистување.
Основни насоки за формирање на трансверзалата
При одредување на трасата се трудевме колку беше возможно да се водиме според следниве насоки и истите треба да се запазуваат и во иднина:
– Кампинг места – на секои 10км минимум 10 места за шатори
– Вода – минимум на секои 10км, минимум еден постојан сигурен извор на вода на секои 20км
– Достапност за набавка на храна и излез на асфалтен пат на максимум 150км
-Да се избегнуваат наклони поголеми од 15%, т.е. да се користат серпентини на овие места.
– Патеката треба да се држи подалеку од големи градови и села
– Максимално да се избегнуваат приватни земјишта
– Максимално да се избегнува асфалт како и шумски патишта кои ги користат теренски возила камиони и слично
Како е замислено во иднина?
Замислата е да повеќе поединци или друштва бидат дел од целиот проект, со тоа што би присвоиле делови од патеката кои би ги одржувале во иднина.