Како се користат Google Мапите

Кликнете на иконата во горното лево ќоше пред името на мапата за да ги видите стазите и маркерите излистани во нов лизгачки прозор кој ќе ви се отвори. Во новиот прозор може да вклучувате/исклучувате одредени делови од секцијата или со кликање на одредени маркери да се позиционирате на истиот на мапата и да добиете повеќе информации за него ( опис и слика ).

Ако кликнете на малата ѕвезда која се наоѓа после името на мапата, мапата ќе биде додадена во вашите Google Maps. За да може да ја видите мапата во иднина на било кој уред каде сте логирани со вашата Google сметка, отворете ги на тој уред Google Maps, отидете во Menu -> Your Places -> Maps и ќе ја видите мапата во листата.

Користени икони и имиња на маркерите:

Делење – Делење на патеката каде е препорачливо да погледнете во ГПС сигналот и информациите за маркерот за да проверите во која насока треба да се движите.
Право – Делење на патеката или страничен пат/раскрсница . Продолжувате право без разлика од која насока доаѓате и какви странични патеки има
Поточе – Може да е пресушено во летниот период или да биде во форма на поголем поток во влажни периоди
Поток  – Тешко да пресуши а може да биде надојден во влажни периоди
Река – Најверојатно нема да може да ја поминете без да загазите во вода и не пресушува во сушни периоди
Мост преку река
Изворче или чешма со слаба издашност и несигурно посебно во сушни периоди
Извор или чешма со солидна издашност меѓутоа сепак може да се случи да пресуши во летните месеци
Извор или чешма со убава издашност што не пресушува во текот на целата година
Место за кампинг. Бројката после зборот “Kamp” означува број на шатори кои отприлика може да се сместат. Доколку нема бројка се работи за повеќе од 5 шатори. Доколку е придружен со зборот „Опции“ тогаш се работи за место кое не е баш погодно за поставување шатор меѓутоа може да послужи.
Информации за таа точна локација каде се наоѓа маркерот
Информации за патеката во малку поширок реон ( значи не за конкретната точка каде е маркерот )
Засолниште – Природно или вештачко засолниште ( погодно за во случај на невреме или слично )
Опасност на патеката
Точка погодна за одмор со убав поглед
Преноќиште или засолниште тврда градба – Планинарски домови, колиби, мотели и слично
_____Населба/Град – населено место , информации за населеното место

 Додаток „инфо“ на основната ознака – Значи дека има дополнителни текстуални информации за конкретниот маркер
Пример “Delenje – info” значи дека има дополнителни информации кои може да ги прочитате ако го селектирате маркерот.

Видови на патеки од GPS записите:

На мапата која е поставена на страната на секоја секција, како и доколку ги отворите записите од секоја секција со апликација која комплетно поддржува приказ на KML запис ( пример Google Earth ) ќе приметите дека патеките се обоени во различни бои и некои од нив се именувани со префикс „алтернативна“, „странична“, „привремена“ и „предлог“. Доколку ги гледате со апликација која не поддржува бои во КМЛ запис тогаш може да ги препознаете само по префиксите.

Зелена ( без префикс ) – Поголемиот дел од финалната траса на источното крило веќе е во зелена зона. Овие делови се комплетно трасирани, проверени, повеќето поминати и по неколку пати и се сметаат како веќе финален дел од целата траса, иако можно е да има помали измени во иднина доколку се најде подобра варијанта.
Сепак, имајте на ум дека само многу мал процент од овие патеки се маркирани и потребно е да имате искуство во следење на ГПС запис. Дополнително, иако малку, сепак има делови кои сеуште не се во добра состојба за користење, т.е. може да има обраснати делови кои може да бидат проблем за поминување за некого.

– Сина ( Предлог и Привремени патеки ) – делови од патеката кои не се „финализирани“, GPS записот не е прецизен или е само нацрт и нема маркери, слики и опис за овие делови
„Предлог“ – значи нацрт како е предлогот патеката да се движи, што значи некои овие патеки воопшто не се сигурни за употреба, некои се толку многу обраснати што подобро и да не пробувате да ги поминете, а некои се само нацрт како отприлика треба да изгледа трасата и воопшто не се поминати што значи тек треба да се трасираат и во моментов се само за оние кои сакаат да помогнат во финализирање на проектот.
„Привремена“ – Значи дека ова е привремена траса додека не се најде некоја подобра за тој дел или додека не се официјализира истата.

Виолетова ( Странични и алтернативни патеки ) – Овие патеки не се дел од планираната официјална рута.
„Странична“ – Водат до некоја странична точка во близина на патеката која може да ја посетите по желба или потреба. Најчесто се патеки до блиски врвови, до извори на вода и слично.
„Алтернативна“ – патеки на главната рута кои може да се користат по желба или принудно во некој момент.

Како да ги следите GPS записите од оваа страна:

Записите кои може да ги симнете се во KML формат и може да ги вчитате во било која апликација која го поддржува овој формат.
Доколку вашата апликација не поддржува KML формат , може да ги конвертирате во GPX
Добра апликација би требало да ги покажува стазите заедно со маркерите и сите потребни информации за нив – исто како и на мапите на Google кои се користат на оваа страна. За жал, повеќето апликации имаат проблем со прикажување на иконите на маркерите, описот и/или сликите од одредени маркери на патеката, па така до комплетирање на страната ќе препорачаме само два начина за следење за комплетно искуство:

  1. Google Maps
  2. Google Earth
  3. Locus Map Една од ретките апликации за Android која ги покажува GPS записите заедно со иконите и сликите од маркерите. Апликацијата има многу други опции и потребно е одредено време да ги научите сите опции, меѓутоа потоа ќе имате моќна апликација со многу функции кои може да ви се најдат за разни потреби.