МАКЕДОНСКА
ТРАНСВЕРЗАЛА
МЕГА ТРАНСВЕРЗАЛА, МЕГА ПРЕДИЗВИК, МЕГА ДОЖИВУВАЊЕ
Што е Sammiana
Македонска Бесконечна Трансверзала ( кодно / уметничко име Sammiana ) е мега кружна трансверзала – непрекината пешачко планинарска патека која поминува низ поголемиот дел на територијата на Македонија, поминувајќи директно или во непосредна близина на огромен број природни убавини, историски локалитети и други знаменитости.
Иако западното крило сеуште не е целосно комплетиранo, веќе е познато дека целата трансверзала е со должина од околу 2070km. За што поголемо уживање, трасата се стреми кон дивината, т.е. подалеку од цивилизација. Поминува преку или најчесто во подножјето на сите попознати и голем број помалку познати планински врвови, со што се има можност за кратко време преку дополнителните странични патеки да се искачат било кој од нив што дава дополнителен предизвик на самата патека.
Основни податоци
Должина | 2070км |
Просечна надморска висина | 1200м |
Најниска точка | 103м |
Највисока точка | 2415м |
Највисока точка на дополнителна странична патека | 2764м |
Потребно време за поминување на целата трансферзала | 60-90 дена |
Од каде „бесконечна“?
„Бесконечна“ има вистинско значење
– Патеката има една централна точка од каде што може да одберете да тргнете во четири насоки , а потоа по отприлика 40-50 дена повторно да се најдете на истата централна точка и да продолжите во друга насока или да продолжите по веќе поминат дел но во спротивна насока. По два месеца веќе е сменето годишното време и може повторно да продолжите по веќе поминат дел од патеката за да добиете сосема ново искуство и доживување бидејќи истиот тој дел веќе има сосема друг лик. Имајќи во предвид дека може да одберете и веќе поминат дел но во спротивна насока, испаѓа дека може да пешачите со месеци, т.е. бесконечно и цело време да не се осетите дека одите по истата патека.
Кога ќе го додадеме и фактот дека патеката на мапа личи на математичкиот симбол за бесконечност ( infinity, endless ) , тогаш јасно е дека патеката со право можеме да ја викаме „бесконечна“.
За Македонската Бесконечна Трансверзала
Македонија е мала земја во центарот на Балканскиот полуостров, но со оглед на фактот дека 83% од територијата е планински рељеф, станува веднаш јасно дека се работи за планинска трансверзала, иaко во мал дел патеката поминува и во пониски реони и сосема мал незначителен дел низ населени рурални места.
Сепак, најголема предност на Самиана е диверзитетот низ самата патека па така нема да бидете сведоци на еден ист пејсаж повеќе од еден ден. Разновидни листопадни шуми, разновидни зимзелени шуми, високогорски пејсажи, карпест терен или ливади, пештери, реки , водопади , сето тоа се менува од час во час, од ден во ден. Патеката поминува покрај повеќе од највисоките врвови на балканскиот полуостров но и покрај најстаро езеро во Европа. Ако на ова се додаде и културно историско наследство на и во близина на патеката тогаш сигурни сме дека Самиана нема никогаш да ја напуштите поради заситеност од еден ист пејсаж кој се повторува секој ден.
Следната голема одлика е дивината – патеката се движи вон населени места и е вистински избор за оние кои сакаат да се оддалечат од цивилизацијата и да уживаат во природата. А дивината ја надополнува и самотијата – Трансверзалата е нова и во моментов многу малку посетувана, што заедно со фактот дека се движи подалеку од населени места значи дека веројатноста да сретнете други луѓе е многу мала, споредено со останатите трансверзали во Европа
Самиана е во целост на територијата на Македонија ( официјално име Република Северна Македонија ), така да не се потребни дозволи за преминување граници. Сепак, Самиана во еден свој дел се преклопува со некои други релативно долги патеки кои преминуваат во соседни земји, како што се Via Dinarica , High Scardus trail, а со краток трансфер може да се префрлите на други релативно долги патеки во близина, како на пример Peaks of the Balkans, Ком – Емине, Европските Е4 и Е6, итн.
Траса
Патеката е трасирана така да пружи вистинско уживање за љубителите на ваков тип спорт и рекреација. Со трасата максимално се избегнува одење по асфалтен пат, а колку се може се избегнуваат и колски земјени патишта и приватни имоти. Воедно се избегнуваат наклони поголеми од 15% па следствено и патеката многу често води цик-цак по серпентини наместо да оди право нагоре кон врвовите на планините, а се со цел да биде поприкладна за долго пешачење и планинарење со потребна опрема за ваков тип на патеки.
Трасата која е пропратена со ГПС записи е со многу висока прецизност и проверена и потврдена повеќе пати. Воедно GPS записите ги содржат сите потребни информации за патеката и блиската околина, како би можело патеката да се користи без потешкотии за повеќедневни тури или целосен повеќемесечен хајкинг.
Статус на проектот и состојба на трансверзалата во моментов:
Во Јуни 2024 год официјално се комплетираше источното крило на трансверзалата со што се доби непрекината патека со должина од 1166 км. Источното крило содржи 7 секции, секоја е различна според тежината, денивелацијата, просечната надморска висина, типот на патеките, опкружувањето итн. Сепак, заедничко за сите е што ниедна од нив не е целосно маркирана, иако активно се работи на истото. Исто така на ниедна секција нема доволно планинарски домови и друг тип преноќишта за да може да тргнете без целосна кампинг опрема. За возврат на тоа, за сите секции постојат прецизни дигитални мапи и ГПС записи како на ретко која друга трансверзала.
Во моментов сеуште има некои кратки делови кои се обраснати во вегетација или без јасно видлива патека иако активно се работи тие делови што побрзо да се исчистат и подобро да се означат на терен
Имајќи го сето ова предвид може да заклучиме дека во овој момент трансверзалата е наменета за поискусни планинари кои имаат искуство во следење на ГПС траса, преферираат диво кампување, знаат да испланираат со залихите и за неколку дена и слично.
Трансверзалата како целина не е наменета за почетници бидејќи нема целосно маркирање, нема планинарски домови за секој ден, во некои делови нема јасни и широки разгазени патеки и слично
Следни активности
Во следниот период фокусот ќе се префрли повеќе на западното крило, но веќе има во план и се работи на терен и на првите подобрувања на самата траса, но и на состојбата она некои критични делови од трасата на источното крило.
Воедно, ќе продолжи маркирањето на трансверзалата се до комплетно маркирање на целото источно а потоа и на целото западно крило од трансверзалата.
Следете не за повеќе информации
За да бидете во тек со сите случувања може да не заследите на нашиот Instagram или Facebook профил, или да се приклучите на новата јавна Facebook група Hikers on Sammiana