Секција I6

( Славишка Трансверзала )

I6 – Паланка – Страцин – 134.7km

Основни Податоци:

  • Должина: 134.7Км
  • Елевациски профил на секцијата:

GPS запис:

Записот за секцијата I6 е комплетен со сите траки, маркери, слики од точки од интерес и додадена дигитална елевација.

Превземете го комплетниот GPS запис (KML формат ) од оваа секција ТУКА

Објаснување за значењето на маркерите , типовите на стази и бои кои се користат може да прочитате ТУКА

Google МАПА : ( Како се користи ? )

Позначајни врвови достапни непосредно или преку странични патеки:

– Аниште
– Чупино брдо
– Билино ( Стража )
– Бошанов Камен
– Перен
– Вирови
– Китка
– Татиќев Камен

Опис/Статус:

Осоговски манастир – Тромеѓа

Стартувајќи од паркингот над Осоговски манастир патеката ве качува 100-тина метри висински и накратко ве изведува на тесен асфалтен пат од кој брзо се одвојувате и преку Варовиште се спуштате во месноста Пашина Воденица каде го пресекувате магистралниот пат помеѓу Паланка и Деве Баир и го следите коритото на Крива река се до излезот на асфалтниот локален пат кон Трново. Многу брзо се одвојувате од овој пат и низ убава шумска патека го искачувате ридот Момица каде патеката се израмнува и продолжува кон атарот на село Трново. Поминувајќи над Трново трасата се приближува кон Македонско-Бугарската граница и во правец на Тромеѓа, поминувајќи покрај старата караула, цело време ве води во близина на границата, поминувајќи под врвовите Коприва, Курвин Града и Остра Чука се до одвојувањето за Тромеѓето помеѓу Македонија Србија и Бугарија кое е достапно по кратка странична патека и каде се наоѓа најголемиот граничен камен во Македонија.

Состојба: Почетокот на овој сегмент поточно делот помеѓу Осоговски Манастир преку Варовиште до Пашина Воденица се оди по претежно широки тревнати патишта со еден краток дел по асфалтен пат пред Варовиште. По поминувањето на Крива Река и одделувањето од асфалтниот пат према Трново патеката брзо се одвојува по немаркирана убава шумска патека за по излегувањето на сртот во правец на атарот на Трново на момент се поклопува со маркирана патека која води по широкиот пат кон село Трново. По одделувањето од широкиот земјен пат патеката не е маркирана но води по широк шумски пат, убава за движење и лесна за следење со минимална помош на ГПС сигналот.

Тромеѓа – Чупино Брдо

Од под Тромеѓето, трансверзалата продолжува претежно по старата граничарска патека над атарите на селата Голема Црцорија и Луке, во правец кон Аниште – најсеверниот врв на Македонија, кој е достапен по странична патека. На патот кон Аниште на момент излегувате на асфалтниот пат кој води до граничниот премин Голеш. На трасата неколку пати се менува околината – од нискостеблеста до длабока листопадна шума, па до убава зимзелена шума и отворен срт со широки погледи.
Од месноста Алдушица патеката врти кон запад, се оддалечува од границата и се спушта кон течението на реката Клисура од каде некое време продолжува по земјен пат се до под старото гранично маало Ратковица каде повторно преминува во планинарска патека која води се до врвот Чупино брдо.

Состојба: Патеката во овој сегмент не е никаде маркирана но во првата половина е многу лесна за следење. По спуштањето во долината на река Клисура поточно од одделувањето од земјениот пат во правец на Чупино Брдо патеката преоѓа на стара шумска патека која на моменти се губи и цел овој дел изискува почесто пазење на ГПС сигналот се до подножјето на врвот Чупино Брдо. Во овој дел сеуште има и еден краток дел кој бара дополнително расчистување за да биде лесно прооден.

Чупино Брдо – Герман

Качувајќи се на Чупино брдо излегувате на широк пат кој следејќи го сртот со блага денивелација се спушта кон превојот Преслап каде го пресекува асфалтниот пат кон Метежево и продолжува по земјен пат по планината Билино кон врвот Стража. По кратко време земјениот пат се заменува со широк планински пат кој цело време ве води во близина на билото на Билино каде се отвараат прекрасни широки погледи кон целата Славишка котлина. Трасата понатаму продолжува покрај благите врвови Бошанов Камен и Порта се до исклучувањето кон атарот на село Нерав каде низ Германски рид, по мешана планинарска патека и земјени патипта се спушта до зелената долина на Неравска река. Понатаму трансверзалата води покрај Неравска река се до вливот на Германска река од каде почнува да се искачува по широк шумски пат се до атарот на село Герман, поточно до Германска чешма.

Состојба:Трасата во цел овој сегмент не е маркирана, меѓутоа во најголем дел води по широки шумски патишта и со тоа не е тешка за следење, освен во мал дел при спуштањето низ атарот на село Нерав каде накратко е патеката е непостоечка и води низ неколку ливади каде е потребно да се следи трасата според ГПС сигналот.

Герман – Китка

Од село Герман, трансверзалата е веќе премината на планината Герман. Кратко време од црквата Св. Троица трасата води по асфалтен пат од кој се одвојува по земјени и шумски патишта води кон село Длабочица и истоимениот водопад на Мала Река која претходно двапати се прегазува. По Водопадот повторно се прагазува реката и патеката преминува во планинарска шумска патека која води покрај Планинарскиот Дом Длабочица се до подножјето на врвот Перен каде излегува на земјен пат. Трансверзалата понатаму го следи сртот на планината Козјак, движејќи се наизменично по широки земјени патишта и тесни планинарски патеки се до врвот Вирови од каде продолжува по сртот на Козјак до врвот Китка и потоа надоле по карпестите падини на Козјак до село Малотино.

Состојба: Патеката од асфалтниот пат кон село Герман кон водопадот Длабочица не е маркирана меѓутоа се оди по широк земјен а потоа шумски пат и е лесна за следење со ГПС уред. Од планинарскиот дом Длабочица до подножјето на врвот Перен патеката е маркирана, а потоа по сртот на Козјак се до врвот Вирови повторно не е маркирана меѓутоа е повторно лесна за следење. Кратко по одминувањето на врвот Вирови па се до подножјето на врвот Китка патеката е непостоечка т.е. воопшто ја нема но со помош на ГПС сигнал овој дел лесно се поминува. на подножјето на врвот Китка па се до самиот врв повторно има стара маркација . По одминувањето на врвот следите маркирана патека низ карпите која ја напуштате набрзо по одминувањето на карпестиот предел и надоле кон село Малотино повторно се движите по немаркирана и на места во горниот дел нејасна патека каде на моменти е потребно пазење на ГПС сигналот.

Малотино – Бајловце

Од Малотино патеката по широк пат се спушта до коритото на река Бистрица каде врти на исток и одредено време по живописна патека се движи покрај коритото на реката пред да сврти на Југ и да почне да се искачува во правец на Кокино. На билото кај Коласти Камен се излегува на планински пат кој води покрај локалитетот Кокино се до асфалтниот пат кој води кон Длабочица.  По пресекување на асфалтниот пат трансверзалата по убава планинарска патека продолжува низ еден живописен дел напрво низ листопадна шума, покрај старите рудници па низ зимзелена шума и по срт покрај археолошките локалитети Висока и Враница се спушта се до асфалтниот пат кој води до село Бајловце.

Состојба: Од Малотино до Кокино патеката е маркирана, меѓутоа на моменти маркациите може да не се јасно видливи и да треба да се провери ГПС сигналот. Од Кокино па се до паркингот во близина на Бајловце патеката не е маркирана иако на места има поставено привремена маркација. Сепак патеката е свежо исчистена и со мала помош од ГПС се поминува без проблем.

Бајловце – Карпински манастир

По одвојувањето од асфалтниот пат патеката накратко ве води низ земјен пат кон селото Цвиланце и набрзо се одвојува од патот и по убава патека навлегува низ речното корито на Лисички дол кој се следи се до вливот во река Петрошница каде продолжува низ долината на реката. По неколку километри патеката ја преминува реката и почнува да се искачува низ кањонот  на Градачка река поминувајќи над убавиот водопад Скакавче и понатаму се до излезот на билото и понатаму до подножјето на врвот Непце. Од тука трансверзалата врти на југ и се спушта до Голем Дол од каде се искачува кон Дабов рид и пристига во познатиот Карпински манастир.

Состојба: Овој сегмент нема маркирана патека меѓутоа следењето не изискува честа помош од ГПС уред, иако патеката на некои места е слабо видлива и нејасна. Поголемо пазење на ГПС сигналот е потребно низ краткиот кањон на Градачка река помеѓу водопадот Скакавче до излезот на билото према Непце и во средишниот дел помеѓу Непце и Карпински манастир каде и самата патека на моменти ја нема или е слабо видлива.

Манастир Карпино – Страцин

Од Карпински манастир патеката врти на север кон Шаркова Корија каде излегува на широк шумски пат и води покрај Мокро езеро, а набрзо и помалото Суво езеро. Кај Суво езеро правецот на патеката повторно се врти на Југ и полека се спушта во правец на Страцин. Трансверзалата прво води по широк шумски пат се до напуштеното село Карадак карактеристично по автентичната старомакедонска архитектура, а потоа по тесна планинарска патека ве води до и низ самиот природен заштитен резерват Плоче Литотелми, за на крај покрај црквата Св. Димитриј ( изградена 1847г ) да се спушти во село Страцин каде и завршува секцијата I6 од Македонската Бесконечна Трансверзала. 

Состојба:Од Карпински манастир до Суво Езеро патеката е маркирана, иако на почетокот над манастирот треба да пазите на ГПС сигналот. Од Суво Езеро па се до Страцин патеката не е маркирана меѓутоа е во најголемиот дел јасно видлива. Сепак на неколку места ќе треба да го проверите ГПС-от за да ја следите трасата. По излегувањето во село Страцин се оди по асфалтен пат низ селото се до излезот на магистралниот пат Куманово – Крива Паланка.