Секција I7

( Историска Трансверзала )

I7 – Страцин- Капиново – 185.2km

Основни Податоци:

  • Должина: 185.2Км
  • Елевациски профил на секцијата:

GPS запис:

Записот за секцијата I7 е комплетен со сите траки, маркери и додадена дигитална елевација.

Превземете го комплетниот GPS запис (KML формат ) од оваа секција ТУКА

Објаснување за значењето на маркерите , типовите на стази и бои кои се користат може да прочитате ТУКА

Google МАПА : ( Како се користи ? )

Позначајни врвови достапни непосредно или преку странични патеки:

  • Кукуљатица
  • Ѓуриште
  • Црн Врв
  • Бреза
  • Прерок
  • Бел Камен
  • Јалоарник
  • Кале

Опис/Статус:

Страцин – Мост Бељаковце:

Патеката почнува на магистралниот пат Е871 – Куманово – Крива Паланка, на превојот пред село Страцин. Започнува по асфалтиран тесен пат за брзо да премине во шумски црн пат во првите 2км од патеката а потоа се движиме по планинска патека која поради ниската вегетација пружа пространи пејсажи се до под врвот Калуѓерица од каде полека се спушта низ краткиот кањон на Кукличка река се до познатиот локалитет Куклице ( познат локалитет со камени кукли ), кој е непосредно под патеката. Понатаму патеката продолжува низ месноста големо Куклице, помалку познат а поимпресивен дел со поголеми карпести формации. Овој реон е и еден од ретките каде може да се сретне природен кактус во Македонија. Понатаму патеката на кратко повторно се спојува на локален Црн пат за да продолжи со убава патека преку ридот Кртично и да се спушти до долината на Крива Река. По пешачки мост на Крива Река се излегува на кратко на асфалтиран локален пат кој поминува под карпестиот локалитет Кралица и потоа патеката се двои и преку Свински Камен ве води кон познатиот историски локалитет Цоцев Камен.
Патеката продолжува преку историскиот локалитет Коњух во близина на археолошкиот локалитет Големо Градиште и понатаму под карпестите шилци на Калиман се движи низ широката долина на Крива Река се до под врвот Еленец во непосредна близина на мостот на Крива Река во Бељаковце.
Овој сегмент е без големи промени во елевација и највисока точка од 810мнв. Истиот изобилува со интересни карпести формации, како и природни локалитети кои биле дополнително изградени ( антички град Градиште ) или обликувани и пренаменети ( Цоцев Камен, Собите и пештерите во Коњух ) во далечната историја и користени за живеалишта, светилишта и слично. За истите сигурно ќе сакате да одвоите дополнително време за да ги разгледате.

Статус: На патеката никаде нема никакви маркации, ознаки или слично, меѓутоа со помош на ГПС записот лесно се поминува . Најчесто се движите по тесни патчиња кои наместа се спојуваат/делат од широки селски црни патишта кои сепак не се ескплоатирани како камионски/офф роад патишта и истите се пријатни за пешачење.

Мост Бељаковце – К’шање:

Овој сегмент започнува во близина на мостот на Крива Река во с.Бељаковце и води на југ преку карпестиот рид Еленец до прекрасниот стар манастир Св. Георгиј, познат и како Бељаковски манастир , од каде почнува да се искачува по падините под Кула и Липец. Иако на релативна блискост се повеќе живи села, сепак патеката во овој дел води низ прилично дива природа каде ќе се чувствувате како да сте многу далеку од цивилизација, се до искачувањето на билото под врвот Мирчевец од каде ќе ви се отворат широки погледи кон пошироката кумановска рамница. Понатаму трасата продолжува кон атарот на село К’шање од каде се спушта и го пресекува магистралниот пат Куманово – Св. Николе .
Во првите 500м се движите по широк земјен пат, а потоа патеката наизменично преминува во тесно планинско патче или пошироки стари планински патишта

Статус: Патеката е целосно трасирана во овој сегмент. На неколку места патеката е малку повеќе обрасната меѓутоа ништо покрупно што може да ве сопре ако го следите ГПС сигналот. Маркација има само во многу краток дел пред манастирот.

К’шање – Бислимска клисура:

Од магистралниот пат Куманово – Св. Николе патеката се искачува полека по широк шумски пат а потоа по планинска патека се до црквата св. Ѓорѓи. Кратко потоа веќе сте на безимениот врв над манастирот од каде низ месноста Арбанашко се спуштате до манастирскиот комплекс Св.Петка ( Габрешки манастир )над селото Габреш а потоа низ шумските ридови под врвот Островица се до атарот на село Скачковце, поточно до манастирот Св.Троица ( Скачковски манастир ) кој се наоѓа над селото. Од тука патеката продолжува преку шумите на Голем Рид до сртот Пештер над село Орешац од каде врти полека кон убавата Бислимска клисура.
Делот на Бислимска клисура почнува од врвчето Крушчиња, од каде по сртот се стига до Жута Карпа каде патеката почнува да се спушта во клисурата кон реката. По спуштањето патеката поминува низ живописната клисура полека искачувајќи се на сртот, поминувајќи покрај неколку пештери и завршувајќи на периферијата на село Пчиња. На овој сегмент нема големи нагли промени во елевација меѓутоа има неколку промени од +-200-300м висинска разлика.
На овој сегмент се движите мешано по широки колски/шумски и тесни планински патчиња. Колските патишта се во околина на најниските делови, додека шумските и планинските патишта се на ридовите и во Бислимска клисура.

Статус: Патеката е маркирана само во делот од село Пчиња до локалитетот Градиште во Бислимска клисура, т.е. во правец од село Орашац во завршниот дел на клисурата. Постои и еден дел со спорадична маркација од црквата св. Ѓорѓи кон село Габреш меѓутоа често патеката не ја следи оваа маркација така да потребно е следење на GPS и во овој дел.

Село Пчиња до Кастел на автопат А1:

Патеката почнува со убава патека низ зимзелена шума преку Карловачки рид, продолжува низ листопадна шума преку месноста Црвена Шума, се спушта накратко низ малата клисура на малата река со име Клисура и брзо потоа излегува на широк шумски пат по кој се искачува до врвот Голик, а потоа се спушта и поминува под автопатот „Гоце Делчев“ за да повторно се искачи до познатиот Ѓуришки манастир и врвот Ѓуриште. Понатаму следува повторно спуштање и искачување на следниот врв – Црн Врв од каде полека се спушта до кањонот на река Пчиња, непосредно под локалитетот Кастел на Пчиња, притоа поминувајќи под источниот а потоа и под западниот крак на автопатот А1.
На овој дел патеката води мешано по планински и по пошироки шумски патишта меѓутоа сепак преовладуваат пошироките шумски патишта.

Статус:
Трасата е комплетна и патеката е јасна освен кај првиот премин под автопатот А1 каде можеби ќе ви треба почесто погледнување на GPS записот. Маркација нема никаде во овој сегмент, освен во многу краток дел од Ѓуришки манастир до врвот Ѓуриште каде има свежа убава маркација.

Кастел на Пчиња – Тополка:

Трансверзалата почнува непосредно под кастелот, се спушта по краткиот кањон до брегот на реката Пчиња и покрај брегот низ живописната клисура на Пчиња продолжува до пештерската црква Св. Богородица каде го поминува висечкиот мост на Пчиња. По кратко време патеката го поминува поголемиот висечки мост на реката Вардар и железничката пруга и почнува да се искачува по планината Голешница. Се искачува прво до манастирот Св.Илија па потоа до село Карабуниште од каде продолжува преку сртот Илиица и Дреновски преслап кон врвот Бреза ( 1405мнв). Од врвот Бреза патеката се спушта по сртот и изобилува со убави кампинг места и широки панорамски видици од 360 степени се до Земков Камен каде патеката се одвојува од сртот и се спушта до реката Тополка каде по кратко излегување на асфалт се поминува мостот на Тополка.
До село Карабуниште се оди по планинарска патека, потоа доаѓа дел по шумски и пократок дел по земјен off road пат, а потоа повторно подолг дел по планинарски патеки и под врвот Бреза повторно дел со земјен off road пат. Од Бреза па скоро до реката Тополка се движите по убава планинска патека која на крај се претвора во шумски пат и излегува на асфалтен пат во краток дел преку мостот на Тополка.

Статус:
Патеката на почетокот во клисурата на Пчиња не многу одамна е расчистена, меѓутоа има 2-3 кратки делови кои поради влажната клима брзо обраснуваат меѓутоа не би требало да имате проблем.Проблематичен дел на патеката е сртот Илиица каде патеката на повеќе места е нејасна или прилично обрасната и не е препорачливо освен за авантуристи кои сакаат да помогнат за средување на овој дел. Маркација на овој сегмент има во делот од висечкиот мост на Пчиња до манастирот Св.Илија. Под Бреза се планира мала промена на трасата за да се избегне делот каде патеката води по off-road прашлив пат.

Тополка – Капиново:

Последниот сегмент од оваа секција во должина од 30км опфаќа обиколка по целиот источен огранок на планината Јакупица. Започнува со искачување во близина на мостот на река Тополка од 500мнв и полека се искачува кон Долни Прерок, поминува низ висорамнината Луково поле, под врвот Прерок и преку Жабин преслап до подножјето на врвот Бел Камен од каде врти на југ. Понатаму патеката преминува на јужната страна под врвовите Кале и Иванов врв, преку месноста Бегови вирови и Бистричка планина да се спушта полека и повторно да заврти на запад и да помине над селата Бистрица и Црешнево за на крај да се спушти до центарот на трансверзалата кај село Капиново. Патеката во овие 30км поминува во подножјето, т.е. во непосредна близина на повеќе високи врвови кои може опционално да се искачат по странични патеки.
Во цел овој сегмент трансверзалата води по планински козји патеки, освен на почетокот под врвот Кутлишта каде патеката се движите по широк шумски пат по изохипса и на крајот помеѓу селата Бистрица и Капиново каде има неколку делови каде се оди по широк но убав пат.

Статус:
На неколку места кои се означени на мапата патеката е обрасната меѓутоа не до степен да неможе да се помине. На повеќе места патеката е нејасна и на некои места воопшто ја нема, меѓутоа со помош на ГПС траките тоа не би требало да е проблем. Овој сегмент има маркација на многу кратки делови, така да може да се каже дека нема маркација по целата должина