Секција I3
Трансверзала на спили и водопади
I3 – Демир Капија – Смолари – 134.3km
Основни Податоци:
- Должина: 134.3 km
- Елевациски профил на секцијата:
GPS запис:
Записот за секцијата I3 е комплетен со сите траки, маркери, слики од точки од интерес и додадена дигитална елевација.
Превземете го комплетниот GPS запис (KML формат ) од оваа секција ТУКА
Објаснување за значењето на маркерите , типовите на стази и бои кои се користат може да прочитате ТУКА
Google МАПА – ( Како се користи ? )
Позначајни врвови достапни непосредно или преку странични патеки:
- Волчак
- Кара Тепе
- Милкин
- Висока Чука
- Семер Кајас
Опис/Статус:
Демир Капија – Волчак
Почетокот на секцијата е на периферијата на градот Демир Капија. После само некој километар и одминувањето на магистралниот пат кон Валандово патеката ве води во срцето на демиркаписката клисура низ многу живописен терен полн со спили и пештери вклучувајќи ја и култната пештера Демиркаписки прозори. Воедно постојано се движите по траса која пружа и прекрасни погледи на целата клисура. По одминувањето на археолошкиот локалитет Просек полека ја одминувате клисурата и навлегувате во шумски предел по падините на Среден рид за по одминувањето на истиот да излезете на широк шумски пат кој со благ наклон полека ќе ве одведе до подножјето на Волчак. Поминувајќи ја Букова река шумскиот пат ќе премине во пострмна планинарска патека се до подножјето на Волчак кој опционално може да се искачи преку алтернативна патека.
Состојба: По одминувањето на тунелите и мостовите пред Демир Капија патеката води низ ново пробиена траса па така и патеката на места не е добро препознатлива меѓутоа е чиста и со помош на ГПС лесно се совладува. Понатаму продолжува кон Просек каде на моменти има остатоци од стара маркација. Од превојот над Челевец понатаму патеката нема никакви ознаки меѓутоа е во добра состојба освен краток дел на Среден рид каде е потребно малку подетално чистење за да биде во прифатлива состојба.
Волчак – Кара Тепе
Од подножјето на Волчак патеката го заобиколува Волчак и во најголемиот дел води по тесна планинарска патека освен во еден краток дел каде се приклучува на широк земјен пат. Трансверзалата потоа по шумска планинарска патека се искачува на билото на Градешка планина каде се приклучува на постар шумски пат . Понатаму патеката продолжува да се движи во близина на билото на Градешка планина , преоѓајќи наизменично од шумски пат на планинарски патеки и обратно. Во овој дел трасата често пружа широки погледи на јужните делови на Градешка планина, погледи со наизглед бескрајни зелени планини и ридови, еден од најдивите предели во Јужна Македонија каде во близина нема ниедно населено место. Воедно патеката во овој реон е со мали промени во елевацијата така да пружа можност за реклаксирано движење и уживање во околината.
Состојба: На овој сегмент патеката никаде не е маркирана претходно меѓутоа е лесна за следење и чиста, изискува ретко припазување на ГПС сигналот.
Кара Тепе – Валандовско Брдо
Од подножјето на Кара Тепе веќе се наоѓате на планината Плавуш и веќе се движите по убава планинарска патека која за потребите на трансверзалата е подобрена така да ги опфати најинтересните предели од Плавуш на моменти со прекрасни погледи кон целата валандовска долина. Патеката во овој дел наизменично води над спилите од карпестите падини на Плавуш и падините богати со убава шума и зелени ливади. По кратки странични патеки достапни се и врвовите Кара Тепе и Милкин врв.
Состојба: Патеката во најголемиот овој предел е во одлична состојба а воедно во одредени делови е веќе маркирана. Некои пократки делови, претежно оние каде е пробиена нова патека е потребно уште малку подобрување и расчистување меѓутоа севкупната состојба е одлична
Валандовско брдо – Асалк
По преминот на магистралниот пат на Валандовско брдо по планинарска патека се спуштате во пределот на Сува река поминувајќи во близина на малиот кањон на Сува река и Гоцевите водопади , поминувајќи низ дел каде може да се види ендемскиот вид кактуси. Во долината на Сува Река се префрлате на широк шумски пат кој води кон атарот на селото Мемешли, дел кој изобилува со зелени ливади богати со најразновидни ливадски цвеќиња во сите можни бои , зависно од периодот во годината. Од тука патеката преоѓа во тесна планинарска и ве води низ јужните падини на Беласица низ реонот кој ќе ве плени со својата живописност и каде се наоѓаат многу поголеми и уште повеќе помали водопади кои се директно на трасата или во непосредна близина на неа, вклучувајќи ги попознатите Кочулски, Разигран, Ангелски, Зелен, Завеса, Котел и други.
Состојба: Состојбата на патеката во овој сегмент е одлична. Истата е речиси целосно чиста освен на некои многу кратки делови каде се работи на расчистувањето. Патеката не е маркирана освен во делот над Кочули, меѓутоа активно се работи на маркирањето и на останатиот дел од овој предел.
Асалк – Банско
Од месноста Асалк над селото Кочули патеката почнува да се искачува кон повисоките предели на Беласица. На почетокот ве води наизменично по карпести предели со широк поглед и речната долина на Чамдак дере, поминувајќи покрај уште неколку водопади и вирови во речното корито. Потоа трансверзалата се искачува кон градината на монолитите, односно култните монолитски светилишта каде се среќаваат најинтересните карпести, т.е. монолитски формации во Македонија. По одминувањето на монолитите патеката набрзо го достига сртот на Беласица и води низ малата населба Муртински колиби и познатиот споменик на 5-те струмички кон областа Тиха долина. Од планинарската куќа Ванчо Атанасов патеката започнува да се спушта по северната страна на Беласица во правец на Банско. На почеток на спуштањето патеката води по широк шумски пат низ длабоките шуми на Беласица, за потоа да се префрли на тесна планинарска патека со до атарот на село Банско.
Состојба: Имајќи предвид дека голем дел од овој сегмент, посебно качувањето до билото на Беласица и спуштањето кон Банско се новотрасирани патеки, пазењето на ГПС сигналот ќе биде потребно прилично често, меѓутоа со маркирањето на патеката кое е во тек, таа потреба со време ќе се намалува.
Банско – Лебедово Езеро
Трансверзалата продолжува низ атарот на село Банко, покрај познатиот археолошки локалитет Римски Бањи и по речиси рамна патека кон првиот поголем водопад на оваа страна на Беласица – Габровскиот водопад. Во реонот на Габровскиот водопад по странични патеки се достапни и другите габровски водопади погоре по течението на реката, а патеката се искачува за кратко и излегува на широк земјен пат по кој се спушта до познатиот раскошен Колешински водопад. Од тука трансверзалата пострмно качува во правец на највисоките врвови на Беласица, попатно поминувајќи делови со прекрасна длабока шума каква што ретко се среќава на територијата на Македонија. По излегувањето на сртот патеката води по широк шумски пат во правец на спилите над Ѓаволски мост каде се одвојува по планинарска патека која води кон и поминува во непосредно под врвовите Висока чука и Семер Кајас ( Ѕвезден врв ). По одминувањето на Семер Кајас патеката се спушта кон планинарскиот дом Шарена Чешма и понатаму до познатиот Смоларски водопад, од каде низ атарот на село Смолари патеката се спушта до комплексот Лебедово Езеро.
Состојба: Патеката од Римски Бањи до Габровски водопад и одржувана и маркирана. Од Габровски водопад до Колешински водопад патеката не е маркирана меѓутоа со мала помош на ГПС е лесна за следење. Од Колешински водопад до излезот на гребенот на Беласица патеката не е маркирана и не е во најдобра состојба, односно во долниот дел на места е малку обрасната а во горниот дел во еден дел не е препознатлива, што значи дека на овој сегмент е задолжителна употреба на ГПС. Од врвот Семер Кајс преку ПД Шарена Чешма до Смоларски водопад патеката е маркирана и нема потреба од помош од ГПС сигнал. Од Смоларски водопад до Лебедово езеро патеката не е маркирана но лесно се поминува со минимална помош од ГПС сигнал.