Секција I4

( Источна Македонска Трансверзала )

I4 – Лебедово езеро – Виница – 205.5km

Основни Податоци:

  • Должина: 205.5 Км
  • Елевациски профил на секцијата:

GPS запис:

Записот за секцијата I4 е комплетен со сите траки, маркери, слики од точки од интерес и додадена дигитална елевација.

Превземете го комплетниот GPS запис (KML формат ) од оваа секција ТУКА

Објаснување за значењето на маркерите , типовите на стази и бои кои се користат може да прочитате ТУКА

Google МАПА – ( Како се користи ? )

Позначајни врвови достапни непосредно или преку странични патеки:

  • Огражденец
  • Бабин Чукар
  • Ченгино Кале
  • Кадиица
  • Чавка
  • Бел Камен
  • Лисец
  • Чупино Брдо

Опис/Статус:

Лебедово езеро – Беровско Езеро

Секцијата почнува од комплексот Лебедово Езеро, води на север прво во близина а потоа по асфалтниот пат до село Самоилово каде преоѓа на земјен пат а потоа се претвара во убава карпесто – шумска патека и ги искачува падините на Огражден се до археолошката област Црвено поле. Од таму продолжува да се искачува по пошироки шумски патишта наизменично низ листопадна и зимзелена шума се до подножјето на врвот Огражденец кој е достапен по кратка странична патека. Од тука патеката почнува да се спушта по широки земјени и шумски патишта кон комплексот Бела вода и во правец на село Двориште. Во атарот на Двориште повторно почнува искачување по благите падини на Малешевски планини кон врвот Бабин Чукар а потоа надоле низ погуста шума и покрај Заманичка река кон Беровско езеро.

Состојба: Трасата во целиот овој сегмент е чиста и јасна, освен во еден многу мал дел на потегот меѓу Двориште и Бабин Чукар каде во летен период има повисока вегетација. Со помош на ГПС трасата е лесна за следење.Во моментов овој сегмент никаде нема маркација.

Беровско Езеро – Равна Река

Пред вливот на Заманичка во Беровското езеро трансверзалата врти и по планинарска патека пострмно се искачува кон Рамни Рид а потоа без голема денивелација преку месноста Ширинета по шумски патишта води кон Клепало каде излегува во близина на предвидениот граничен премин. Од Клепало започнува постепено искачување во правец на врвот Ченгино Кале водејќи многу често покрај самата бугарска граница со поглед кон цела Малешевија. Трасата во првиот дел води преку земјен пат а потоа преку постари широки патишта низ предел богат со вода и широки погледи стигате до подножјето на Ченгино Кале. Од под Ченгино Кале повторно со блага денивелација се спушта до месноста Скокото каде по тесна планинарска патека навлегува во малата но живописна клисура на Крива река за пред пристигање на Равна река повторно да излезе на земјен и на крај на асфалтен пат.

Состојба: Патеката во овој дел е во добра состојба и лесна за следење со мала помош од ГПС сигнал. Маркација има на делови на Рамни рид и во еден дел на потегот Клепало – Ченгино кале.

Равна Река – Кадиица

Од излетничкото место Равна река го следите асфалтниот пат кон Пехчево се до одвојувањето кон Спиковски водопад , каде преоѓате на убава планинарска патека најпрво до Спиковскиот водопад а потоа нагоре до Трешчена полена каде патеката преоѓа на поширок пат се до атарот на Пехчево каде врти на исток и низ прекрасна живописна длабока листопадна шума води кон превојот Кадан Бунар од каде по кратка но стрмна патека е достапен врвот Кадиица. Понатаму повторно по поширок пат доаѓате до бачилото на седлото Трешчен камен во подножјето на врвот Кадиица.

Состојба: Патеката од Спиковски водопад нагоре е на неколку места нејасна и ќе треба да погледната на ГПС записот, а потоа до крајот на овој сегмент е јасна со поретка потреба на ГПС. Од Трешчена полена накратко се спојувате на маркирана патека , а потоа од под локалитетот Вртена скала до врвот Кадиица води маркирана патека.

Кадиица – Голак

Од подножјето на Кадиица се преоѓа на тесна планинарска патека која во правец на Црвени брегови ќе излезе на постар земјен пат и повторно ќе премине во планинарска патека која поминува покрај црвените брегови до атарот на село Црник а потоа врти и го пресекува магистралниот пат Виница- Берово каде преоѓа на убава шумска патека и се искачува до пред самиот врв Бејаз Тепе. Од тука патеката води кон локалитетот Кукуље познат по уникатните рељефни форми, а потоа преку месноста Крастова Бачија и Свети Води доаѓа до реката Брегалница. По поминувањето на Брегалница патеката преминува на планината Голак, поминува покрај уште едно , овојпат Тработивишко Кукуље а потоа водејќи по широки шумски патишта се искачува до пред врвот Мала Чавка.

Состојба : На почетокот на симнувањето кон Црвени брегови патеката води низ убава шумска патека која сепак на неколку места е во лоша состојба па затоа има трасирано и алтернативна патека по широк пат . По изминувањето на атарот на село Црник патеката навлегува во дел кој е многу оштетен од големите пожари кои го зафатија овој реон неодамна па затоа се трасирани нови траси по земјените патишта кои без пробиени при гаснењето на пожарите. Патеката не е маркирана никаде на овој сегмент.

Голак – Лисец

Од под врвот Мала Чавка патеката врти на југ и по широки патишта води претежно по билото на Голак со благ наклон во правец на Обозна. Неколку километри пред село Лаки патеката преоѓа во планинарска патека која води се до влезот на село Лаки каде излегува накратко на асфалтниот пат и се префрла на планината Плачковица. Следи постепено искачување се до врвот Асанлија од каде по Криви Рид се спуштате во долината на Смиланска Река водекќи низ прекрасна длабока шума карактеристична за планината Плачковица. Во подножјето на Трнов Чукар патеката врти на запад и покрај Боречка река се искачува до Чадарите а потоа се спушта во долината на Лумија од каде по тесна планинарска патека се искачува до седлото под врвот Лисец

Состојба: Патеката до село Лаки е во одлична состојба и се поминува лесно со мала помош од ГПС. Маркации има само на почетокот од овој дел. Од село Лаки во правец кон Асанлија следи дел кој на места е во лоша состојба па затоа има трасирано дополнителна алтернативна патека по широк земјен пат. Маркации на овој потег нема никаде. Како наближувате кон Асанлија следи уште еден шумски предел каде на кратко ќе биде потребно почесто следење на ГПС записот за потоа да се прејде на широк шумски пат се до долината на Ракита од каде по маркирана тесна патека се искачува до подножјето на Лисец

Лисец – Виница

Од подножјето на Лисец по убава патека по сртот се оди низ живописен предел и длабока шума во правец на исток према врвот Бел Камен, а потоа патеката врти на север на во правец на врвот Чупино брдо . И двата врва се достапни по кратки странични патеки. Од седлото пред Чупино брдо трансверзалата врти на запад и продолжува да се спушта по падините на Цари Таш кон Виничка река. Патеката продолжува по течението на Виничка река се до Бумбарска чешма, од каде преоѓа на пошироки патишта и преку месноста Добрава и Панек се спушта до магистралниот пат Виница – Берово каде и завршува оваа секција.