НОТ ( не оставај трага ) принципи

Најважниот дел, т.е. основата на планинарската култура која се однесува на тоа како да се однесуваме према патеката и природата која ја опкружува се содржи во НОТ принципите.

–  НОТ ( Не Оставај Трага ) – самиот назив кажува дека целта е да не остане трага по нашето поминување низ природата.

Основните НОТ принципи по кои треба да се водите при престојот во природа:

– Не вршете нужда на и во близина на патеката, а посебно не непосредно или во близина на вода ( планински извори, поточиња, реки , езера ). Местото на кое вршите голема нужда треба да биде оддалечено барем 30м од самата патека и подалеку од планински води.

– За вршење голема нужда потребно е да ископате дупка со длабочина од 15-20цм и потоа да ја затрупате.  Потрудете се и тоалетната хартија да не ја оставате во дупката туку да ја спакувате во ќеса наменета за ѓубре која ќе ја фрлите во првиот контејнер кога ќе бидете во можност.

– Не користете сапун и средства за хигиена во и во близина на планинските води. Мијте ги деловите од телото, садовите и облеката подалеку од извори на вода.

– Никако не оставајте ѓубре позади вас. Пакувајте ги сите ваши отпадоци, па дури и ако сте во можност пакувајте и отпадоци кои ќе ги најдете по пат, а не се ваши.

– Не пишувајте по карпи, дрвја, знаци и воопшто никаде.

– Не земајте делови од природата, односно оставете ги нештата таму каде што се.

– Не палете непотребно оган, а доколку запалите, гледајте да користите веќе постоечки места каде што некој предходно палел оган.

Во контекст на последниот принцип и следново предупредување: Никако не палете оган во сушни периоди и на места со сува вегетација. Никако не го оставајте огнот без надзор и никако не го напуштајте местото додека огнот и целиот жар не се целосно изгасени. Подлогата на запалениот оган може да остане активна дури и откако мислите дека е изгасена и може да се прошири и под земја преку корењата на дрвјата!