Секција I2
( Јужна Македонска Трансверзала )
I2 – Скочивир -Демир Капија 197.3km
Основни Податоци:
- Должина: 197.3km
- Елевациски профил на секцијата:
GPS запис:
Записот за секцијата I2 ( Јужна Македонска Трансверзала ) е комплетен со сите траки, маркери и додадена дигитална елевација. Било какви забелешки се добредојдени, посебно околу функционалноста, начинот на изработка и приказ и слично
Превземете го GPS записот (KML формат ) од оваа секција ТУКА
Објаснување за значењето на маркерите , типовите на стази и бои кои се користат може да прочитате ТУКА
Google МАПА ( Како се користи ? )
Позначајни врвови достапни непосредно или преку странични патеки:
– Врв Старков Гроб
– Врв Кајмакчалан
– Врв Ниџе
– Врв Бело Гротло
– Врв Сокол
– Врв Голем Козјак
– Врв Дудица
– Врв Порта
– Врв Зелен Брег
– Врв К92
– Врв Мала Рупа
– Врв Две Уши
– Врв Флора
Опис/Статус:
Скочивир – Караула Мандиќ
Од мостот во село Скочивир патеката накратко се движи по асфалтниот пат кон Битола и скршнува по широк земјен пат на југ без поголема промена на елевација. По околу 1км се одвојува и во следните 7км се движи по стар земјен пат кој во првите километри не е прикладен ни за off-road возила што значи дека нема да сретнете никаков тип возило. Патеката се движи низ месноста Среден рид, Чолаков гроб и веќе кога пристига во областа Шипково полека преминува во убав планински пат каде се отвараат се поубави погледи на цело Мариово и се пристига до првата стара караула непосредно до границата со Грција.
Состојба:Во долниот дел патеката се движи по широки земјени патишта така да движењето и пратењето на ГПС записот е лесно во цел овој дел од патеката иако нема никакви маркации или патокази. Пред пристигањето кај караулата на моменти може ќе биде потребно да се погледне во ГПС сигналот меѓутоа движењето е генерално јасно ако се следи правецот на сртот
Караула Мандиќ – Старков Гроб
По првата караула патеката води цело време во близина на границата која пак е најчесто по сртот, а тоа значи дека овој дел изобилува со видици кон Македонска а на моменти и кон Грчка страна на планината . Природата и опкружувањето станува се поубаво а наклонот не е премногу голем бидејќи на местата со поголем наклон се користат серпентини.
Состојба:На почетокот од овој дел на повеќе места ќе треба да припазите на ГПС сигналот, а има и неколку обраснати делови. Како се приближувате кон Кајмакчалан патеката станува се појасно видлива иако не е во најдобра состојба бидејќи на места се поминува низ густа ниска вегетација.Последните 4 километри веќе е присутна спорадична маркација меѓутоа на неколку места ќе треба да го проверите ГПС сигналот. Маркацијата е веќе добро видлива на страничната патека до самиот врв Кајмакчалан.
Кајмакчалан – Добро Поле
Од под врвот Кајмакчалан по неколку километри се одвојувате од широкиот пат и полека навлегувате во најзафрлениот а со тоа и најдивиот и еден од најубавите предели на целата трансверзала. Ќе наидете на многу остатоци ( ровови, митралески гнезда, ископани пештери и сл. ) од македонскиот фронт на првата светска војна што дополнително ќе ви ја разбуди имагинацијата. Патеката се движи високо под сртот или на самиот срт се до Бело Гротло откаде продолжува во наименично длабока зимзелена и листопадна шума за повторно да се искачи над шумскиот појас во областа Бела земја се до караулата Добро Поле.
Состојба:Во овој дел сте најделаку од цивилизација и се осеќа дека човечка нога стапнува многу многу ретко, па со самото тоа и патеката е на повеќе места во лоша состојба – обрасната или нејасна а на неколку места и целосно се губи, што значи дека обавезно ќе ви треба помош од ГПС уред за следење на трасата бидејќи секако во овој дел нема никакви маркации или ознаки.
Добро Поле – Кула
По Добро Поле трансверзалата продолжува кон Кравица од каде полека се преминува на широк планински пат кој води низ мешовит шумски предел кон седлото под врвот Голем Козјак од каде патеката се движи по шумски пат во близина на билото на планината Козјак, поминувајќи низ месноста Кучкин Камен и Железна Врата спуштајќи се до седлото Трибор од каде повторно по широк шумски пат продолжува да се спушта се до превојот Кула
Состојба:Од Добро Поле до Кравица сеуште се осеќа голема дивина и многу ретко присуство на човекот така да сеуште има обраснати делови од патеката. Од Кравица веќе се излегува на јасен широк шумски пат се до Трибор. Од Трибор према Кула најпрво се поминува еден пократок дел со Камионски Off-road широк земјен пат кој за среќа брзо преминува во солиден шумски пат се до Кула. Овој сегмент е исто така без маркации меѓутоа после Кравица движењето е многу полесно со минимална помош од ГПС уред.
Превој Кула – Мрежичко
Трансверзалата продолжува по широк земјен шумски пат за по неколку киломтери да се одвои најпрво по невидлива патека која потоа преоѓа во убава шумска патека се до спуштањето во кањонот на реката Блаштица . По поминувањето на Блаштица патеката на кратко води по асфалтен пат а пота повторно се спушта во кањонот на Блаштица и поминува низ култниото место Портал на животот кое е всушност тунел по самото течение на реката. Патеката продолжува во близина на коритото на Блаштица се атарот на село Мрежичко каде се одвојува во правец нагоре према Мрежичко.
Состојба:Патеката од Кула кон Мрежичко после одвојувањето од широкиот пат е невислива односно има дел каде воопшто нема патека и потребно е да го следите ГПС сигналот. Потоа до спуштањето на реката патеката е во добра состојба, за при второто спуштање во кањонот да следи дел кој не е препорачлив за користење во моментов поради опасниот дел пред портлот на животот каде се планира поголем зафат за уредување на патеката. По поминувањето низ порталот патеката е маркирана и чиста се до Мрежичко.
Мрежичко – Зелен брег
Патеката поминува над с.Мрежичко и се движи низ убавата клисура на Мрежичка река се до областа Широка падина каде излегува на широк шумски пат и покрај Горна река низ густа шума се искачува по падините на Кожуф се до планинарскиот дом Голубец и понатаму до Дудички колиби од каде постепено преоѓа во тесна планинарска патека која се движи високо под гребенот на Кожуф поминувајќи под врвовите Дудица, Порта и Зелен Брег. Овој сегмент е исто така еден од најубавите сегменти на целата секција.
Состојба:Патеката низ клисурата на Мрежичка река е солидна и со избледена маркација. Потоа доаѓа еден дел каде маркацијата веќе е тешко видлива и патеката е обрасната и на моменти тешко се поминува и најверојатно ќе ви биде потребна помош со следење на ГПС сигналот. По излезот на широкиот пат кај Широка падина движењето е лесно но маркација нема до превојот над Михајлово па и во овој дел ќе ви биде потребно помош од ГПС уред поради повеќе вкрстувања на патишта. Од превојот над Михајлово веќе сте на јасна траса со патокази и маркација која сепак по изминувањето на врвот Дудица се губи и на моменти ќе треба да го проверите вашиот ГПС уред.
Зелен Брег – Висока Чука
Трансверзалата продолжува под врвовите К92 и Мала Рупа , потоа кон месноста Сува рупа и се спушта во шумски појас преку Исирова пресека кон с.Смрдлива Вода, се до реката Цреша, од каде преку асфалтниот пат се префрла на текот на река Сливка. По пристигањето кај водопадот на Сливка, патеката повторно се издигнува, најпрво до Асан Чешма а потоа скршнува во правец на врвовите Две Уши и Флора. По широк шумски пат се продолжува преку Орлик и се стига до планинарскиот дом Висока Чука.
Состојба: Во делот од под врвот К92 до под врвот Мала Рупа се движите по тесна немаркирана, на места непрепознатлива и на две места обрасната планинска патека меѓутоа со мала помош од ГПС движењето е лесно. По врвот Мала рупа започнува маркирана патека која накратко ја напуштате кај месноста Сува рупа а потоа следи убаво маркирана патека се до излезот кон Смрдлива вода, каде накратко е потребно следење на ГПС сигналот додека се префрлите преку асфалтниот пат од каде повторно почнува убаво означена патека кон Асан чешма и понатаму кон врвот Две Уши. Понатаму се движите по немаркирана траса скоро целосно по убави широки шумски патишта се до домот Висока Чука.
Висока Чука – Демир Капија
Трансверзалата продолжува да се спушта по падините на Кожуф по предели со висока густа шума , менувајќи се од зимзелена во листопадна и обратно. Со понатамошно намалување на висината пејсажот почнува да се менува па се преоѓа во предел на се повеќе потоци и реки , нискостеблеста шума и по преоѓање на јужното било на карпестиот рид Крастовец се навлегува во „долината на кактуси“ во реонот на селото Клисура. Од атарот на село Клисура патеката продолжува по источната страна под карпите на Крастовец и се спушта на јужниот излез од Демир Капија.
Состојба: Од Висока Чука па се до преминот на Дренска река трасата води по широки патишта кои се менуваат од убави шумски патишта до земјени офф-роад патишта пробивани за потребите на шумските стопанства и кои се во план да се заменат со друга подобра траса. По Дренска река се преоѓа на планинарска патека за која почесто ќе биде потребно да го проверите ГПС сигналот. Во атарот на село Клисура повторно накратко се движите по колски пат за да на крај трасата заврши со убава козја патека се до спуштањето во Демир Капија. Маркации во овој сегмент има само на еден дел пред Копришки водопад.