
Секција I5
( Осоговска Трансверзала )
I5 – Виница – Лесново – Паланка – 146.3km
Основни Податоци:
- Должина: 146.3Км
- Елевациски профил на секцијата:


GPS запис:
Записот за секцијата I5 ( Осоговска Трансверзала ) е комплетен со сите траки, маркери, слики од точки од интерес и додадена дигитална елевација.
Превземете го комплетниот GPS запис (KML формат ) од оваа секција ТУКА
Објаснување за значењето на маркерите , типовите на стази и бои кои се користат може да прочитате ТУКА

Google МАПА : ( Како се користи ? )

Позначајни врвови достапни непосредно или преку странични патеки:
– Врв Трнковец
– Раткова Скала
– Илин Врв
– Султан Тепе ( Царев Врв )
– Руен
– Калин Камен

Опис/Статус:
Виница – Магистрален пат А3
Секцијата започнува во близина на градот Виница, односно од магистралниот пат Виница-Берово, на надморска висина од 400м што е воедно и најниска надморска висина на оваа секција. Патеката започнува со поминување на мостот на река Осојница и во првите 800м до мостот на река Сушица води низ широк земјен пат. По поминувањето на Сушица патеката почнува да се искачува по Јакимовски рид и низ стар селски пат води во правец на селото Црн Камен, каде скршнува кон исток и полека навлегува во шумски појас од мешана зимзелена и листопадна шума. Трасата потоа продолжува северно и поминува во подножјето на врвовите Долна Китка и Киселица за полека да се спушти до мостот на река Брегалница и да го пресече магистралниот пат Кочани-Делчево.
Состојба: Патеката во овој сегмент почнува со широк земјен пат, а по кратко време продолжува мешано по стари селски и шумски патишта за по изминувањето на врвот Киселица да води претежно по планинарски патеки се до реката Брегалница. Во втората половина на овој сегмент патеката е маркирана, а во целиот сегмент патеката е лесна за следење преку ГПС сигналот.
Магистрален пат А3 – Гратче
Од магистралниот пат А3 патеката се префрла на Осоговските планини и до крајот на секција I5 ги обиколува истите, па затоа и оваа секција го носи името Осоговска Трансверзала! Прво се издигнува по падините на Петров Рид а потоа скршнува западно и преку ридовите Падарница и Попова Чука води до убавиот манастир „Добра Вода“. По одминување на манастирот трансверзалата се спушта до Оризарска река каде скршнува северно и води возводно низ убавата долина на Оризарска река се до подножјето на Вранински рид каде се искачува до атарот на село Вранинци а потоа преку падините на врвот Црква се префрла кон областа Горно и Долно Гратче. Во продолжение патеката води преку локалитетот Мактеон и по источните ридови над Кочанското Езеро се спушта до Велика Река и Гратчевскиот водопад а овој сегмент завршува кај Мотелот Гратче на брегот на Кочанското езеро. За време целиот овој сегмент патеката се движи претежно по шумски појас, наизменично по зимзелена и листопадна претежно дабова шума, а повремено се отвараат убави широки погледи кон кочанската котлина а потоа и кон кочанското езеро.
Состојба: Трансверзалата во овој сегмент започнува по убав стар шумски пат но набрзо преминува во тесна планинарска патека и со мали исклучоци каде се оди по широки шумски патишта, патеката до крајот на овој сегмент води по убави планинарски и козји патеки. Првиот дел од овој сегмент е делумно маркиран меѓутоа и деловите кои не се маркирани е лесно да се следат со мала помош на ГПС сигнал. Вториот дел од овој сегмент е целосно маркиран. Во долината на Оризарска река нема мобилна мрежа.
Гратче – Козји Карпи
Од Кочанското езеро ( Гратче ) патеката започнува со солиден наклон да се издигнува повисоко по падините на Осоговската планина, но веќе по неколку километри наклонот да се намали и трасата понатаму продолжува претежно со благ наклон блиску до движење по изохипса. Патеката го пресекува локалниот асфалтен пат кон Пониква и продолжува со исто темпо по падините на Осогово, а сценографијата по патеката се менува често помеѓу зимзелена, ниско и високостеблеста листопадна шума, планински ливади, пасишта, како и повремени прекрасни пејсажи кон котлината и спротивната Плачковица. По поминување на превојот меѓу Пржар и Престрел кое се наоѓа на 1120м надморска висина трансверзалата продолжува по стар шумски пат а амбиентот позабележително се менува кон планински. Овој сегмент завршува кај месноста Козји Карпи од каде се пружа најубавиот поглед кон карпите на Раткова скала и длабокиот кањон на Шталковичка Река.
Состојба: Маркирана планинарска патека има само во делот на првичното искачување од Кочанското езеро. Трасата е во најголем дел по планинарски патеки меѓутоа има неколку пократки делови по широк шумски пат. Пазење на ГПС сигналот е потребно на повеќе места а целата траса е во солидна состојба со само неколку кратки обраснати делови.
Козји Карпи – Лесновски пештери
Од Козји карпи трансверзалата низ убава листопадна шума преку старите патишта од некогашниот рудник се спушта до почетокот на кањонот на Шталковичка река и Шталковскиот водопад, од каде возводно низ кањонот низ прекрасна живописна шума се издигнува до месноста Комитска Карпа од каде има незаборавен поглед кон карпите и врвот Раткова скала. Воедно од тука води и опционална патека до врвот Раткова Скала. Трансверзалата продолжува по тесна планинарска патека под карпите и низ сипарите под Раткова Скала кон селото Ратковица и понатаму по билото кон Голак од каде се спушта кон долината на Злетовска река и го пресекува асфалтниот пат кон Кнежевското езеро. По поминувањето на Злетовска река трансверзалата преку Лесновски рид се издигнува во правец на Лесново и овој сегмент завршува кај познатите Лесновските воденичарски пештери во атарот на село Лесново и во непосредна близина на познатиот Лесновски манастир
Состојба: Овој сегмент на трансверзалата води целосно по убава новотрасирана планинарска патека . Патеката е во поголем обем и свежо маркирана
Лесновски пештери – Емиричка Река
Од Лесновски пештери патеката за многу кратко излегува и го преминува асфалтниот пат кон Лесново кај Бело Место , води генерално по сртот кон Илин Врв ( Достапен по странична патека ), го заобиколува врвот од западната шумска страна и излегува на старата монашка патека каде почнува еден од најживописните делови од целата секција I5 и каде природата е сеуште нечепната од модерните текови. Трансверзалата продолжува цело време по козја-планинарска патека, најпрво по дел од старата монашка патека, а потоа по ново трасирана патека која води по сипари , прекрасна букова шума и повеќе убави водопади кои го карактеризираат овој сегмент. По одминувањето на Куновските водопади, патеката се спушта во прекрасната долина на Злетовска река, каде за кратко ја поминува реката и излегува на локалниот асфалтен пат кај вливот на Емиричка река.
Состојба: Патеката во овој сегмент е во поголем обем и маркирана, сепак, познавање на следење на ГПС трака е препорачливо.
Емиричка Река – Царев Врв
Од асфалтниот пат кој води кон браната Кнежево патеката веднаш ве внесува во длабока шума по текот на Емиричка река богата со слапови и неколку вирови, а потоа ве издигнува до атарот на Емирица, поминувајќи го локалитетот со 10-те црквички и понатаму до седлото помеѓу врвовите Борова Глава и Вршник од каде трансверзалата преку Банков Чукар и Срндаци се спушта кон Кнежевско езеро каде излегувате на широк земјен пат кој накратко води покрај самото езеро. Трансверзалата потоа преку длабоките букови шуми на падините на Китка повторно ве води кон горниот тек на Злетовска река каде се префрла во долината на Модра река и преку Мртвички рид се искачувате до месноста Маркова Ступка од каде по билото по широк пат продолжувате до пред самиот врв Царев Врв ( Султан Тепе ).
Состојба: Патеката во овој сегмент е исто така во делови маркирана. Бидејќи се работи за поголем дел новопроибиена патека, истата наместа е нејасна па ќе биде потребно да пазите на маркациите или на ГПС сигналот.
Царев Врв – Осоговски Манастир
Од Царев врв трансверзалата се спушта повторно по широк пат преку пространите ливади пратејќи го сртот се до месноста и езерото Калин Камен, а малку понатаму се одвојува од сртот и врти на запад и преку длабока шума се спушта до Станечките водопади. Од Станечките водопади патеката продолжува да се спушта низ живописната долината на Козја река за да на неколку стотини метри пред вливот во Станечка река да скршне повторно на север низ месноста Басјанско. Трансверзалата продолжува со благ наклон по убава планинарска патека а потоа и по широк шумски пат ве води до самиот Осоговски Манастир, поточно излегува на асфалтниот пат помеѓу долниот и горниот влез на манастирот.
Состојба: Од Царев Врв до Калин Камен патеката е јасна, маркирана и редовно посетувана од планинари. Понатаму кон Станечки водопади и покрај Козја река на теренот се извршија многу промени на патеката со пробивањето на широк пат во последните 2 години, така да старата планинарска патека е уништена а на тие делови сега има широк пат со мостови за премин преку реката. Од одвојувањето од Козја река па се до Осоговски Манастир нема маркација меѓутоа за следење на истата потребно е само повремена помош од ГПС сигнал.
