Секција I2

( Јужна Македонска Трансверзала )

I2 – Скочивир -Демир Капија 200.4km

Основни Податоци:

  • Должина: 200.4 km
  • Елевациски профил на секцијата:

GPS запис:

Записот за секцијата I2 ( Јужна Македонска Трансверзала ) е комплетен со сите траки, маркери и додадена дигитална елевација.

Превземете го GPS записот (KML формат ) од оваа секција ТУКА

Објаснување за значењето на маркерите , типовите на стази и бои кои се користат може да прочитате ТУКА

Google МАПА ( Како се користи ? )

Позначајни врвови достапни непосредно или преку странични патеки:

– Врв Старков Гроб
– Врв Кајмакчалан
– Врв Ниџе
– Врв Бело Гротло
– Врв Сокол
– Врв Голем Козјак
– Врв Дудица
– Врв Порта
– Врв Зелен Брег
– Врв К92
– Врв Мала Рупа
– Врв Две Уши
– Врв Флора

Опис/Статус:

Скочивир – Караула Мандиќ

Од мостот во село Скочивир патеката накратко се движи по асфалтниот пат кон Битола и скршнува по широк земјен пат на југ без поголема промена на елевација. По околу 1км се одвојува и во следните 7км се движи по стар земјен пат кој во првите километри не е прикладен ни за off-road возила што значи дека нема да сретнете никаков тип возило. Патеката се движи низ месноста Среден рид, Чолаков гроб и веќе кога пристига во областа Шипково полека преминува во убав планински пат каде се отвараат се поубави погледи на цело Мариово и се пристига до првата стара караула непосредно до границата со Грција.

Состојба:Во долниот дел патеката се движи по широки земјени патишта така да движењето и пратењето на ГПС записот е лесно во цел овој дел од патеката иако нема никакви маркации или патокази. Пред пристигањето кај караулата на моменти може ќе биде потребно да се погледне во ГПС сигналот меѓутоа движењето е генерално јасно ако се следи правецот на сртот

Караула Мандиќ – Старков Гроб

По првата караула патеката води цело време во близина на границата која пак е најчесто по сртот, а тоа значи дека овој дел изобилува со видици кон Македонска а на моменти и кон Грчка страна на планината . Природата и опкружувањето станува се поубаво а наклонот не е премногу голем бидејќи на местата со поголем наклон се користат серпентини.

Состојба:На почетокот од овој дел на повеќе места ќе треба да припазите на ГПС сигналот, а има и неколку обраснати делови. Како се приближувате кон Кајмакчалан патеката станува се појасно видлива иако не е во најдобра состојба бидејќи на места се поминува низ густа ниска вегетација.Последните 4 километри веќе е присутна спорадична маркација меѓутоа на неколку места ќе треба да го проверите ГПС сигналот. Маркацијата е веќе добро видлива на страничната патека до самиот врв Кајмакчалан.

Кајмакчалан – Добро Поле

Од под врвот Кајмакчалан по неколку километри се одвојувате од широкиот пат и полека навлегувате во најзафрлениот а со тоа и најдивиот и еден од најубавите предели на целата трансверзала. Ќе наидете на многу остатоци ( ровови, митралески гнезда, ископани пештери и сл. ) од македонскиот фронт на првата светска војна што дополнително ќе ви ја разбуди имагинацијата. Патеката се движи високо под сртот или на самиот срт се до Бело Гротло откаде продолжува во наименично длабока зимзелена и листопадна шума за повторно да се искачи над шумскиот појас  во областа Бела земја се до караулата Добро Поле. 

Состојба:Во овој дел сте најделаку од цивилизација и се осеќа дека човечка нога стапнува многу многу ретко, па со самото тоа и патеката е на повеќе места во лоша состојба – обрасната или нејасна а на неколку места и целосно се губи, што значи дека обавезно ќе ви треба помош од ГПС уред за следење на трасата бидејќи секако во овој дел нема никакви маркации или ознаки.

Добро Поле – Кула

По Добро Поле трансверзалата продолжува кон Кравица од каде полека се преминува на широк планински пат кој води низ мешовит шумски предел кон седлото под врвот Голем Козјак од каде патеката се движи по шумски пат во близина на билото на планината Козјак, поминувајќи низ месноста Кучкин Камен и Железна Врата спуштајќи се до седлото Трибор од каде повторно по широк шумски пат продолжува да се спушта се до превојот Кула

Состојба:Од Добро Поле до Кравица сеуште се осеќа голема дивина и многу ретко присуство на човекот така да сеуште има обраснати делови од патеката. Од Кравица веќе се излегува на јасен широк шумски пат се до Трибор. Од Трибор према Кула најпрво се поминува еден пократок дел со Камионски Off-road широк земјен пат кој за среќа брзо преминува во солиден шумски пат се до Кула. Овој сегмент е исто така без маркации меѓутоа после Кравица движењето е многу полесно со минимална помош од ГПС уред.

Превој Кула – Мрежичко

Трансверзалата продолжува по широк земјен шумски пат за по неколку киломтери да се одвои најпрво по невидлива патека која потоа преоѓа во убава шумска патека се до спуштањето во кањонот на реката Блаштица . По поминувањето на Блаштица патеката на кратко води по асфалтен пат а потоа поминувајќи покрај „тајните одаи“ повторно се спушта во кањонот на Блаштица и поминува покрај култното место Портал на животот кое е всушност тунел по самото течение на реката. Патеката продолжува во близина на коритото на Блаштица, поминува низ таканаречената апокалиптична зона и влегува во атарот на село Мрежичко .

Состојба:Патеката од Кула кон Мрежичко после одвојувањето од широкиот пат е накратко невидлива односно има дел каде воопшто нема патека и потребно е да го следите ГПС сигналот. Потоа до спуштањето на реката патеката е во добра состојба и маркирана се до Мрежичко.

Мрежичко – Зелен брег

Патеката поминува над с.Мрежичко и се движи низ убавата клисура на Мрежичка река се до областа Широка падина каде излегува на широк шумски пат и покрај Горна река низ густа шума се искачува по падините на Кожуф се до планинарскиот дом Голубец и понатаму до Дудички колиби од каде постепено преоѓа во тесна планинарска патека  која се движи високо под гребенот на Кожуф поминувајќи под врвовите Дудица, Порта и Зелен Брег. Овој сегмент е исто така еден од најубавите сегменти на целата секција.

Состојба:Патеката низ клисурата на Мрежичка река е претежно маркирана. По излегувањето на широкиот шумски пат кај Широка падина движењето е лесно но маркација нема до превојот над Михајлово па во овој дел можно е да ви биде потребно помош од ГПС уред поради повеќе вкрстувања на патишта. Од превојот над Михајлово  веќе сте на јасна траса со патокази и маркација која сепак по изминувањето на врвот Дудица се губи и на моменти ќе треба да го проверите вашиот ГПС уред.

Зелен Брег – Висока Чука

Трансверзалата продолжува под врвовите К92 и Мала Рупа , потоа кон месноста Сува рупа и се спушта во шумски појас преку Исирова пресека кон с.Смрдлива Вода, се до реката Цреша, од каде преку асфалтниот пат се префрла на текот на река Сливка. По пристигањето кај водопадот на Сливка, патеката повторно се издигнува низ прекрасна длабока шума за по некое време да излезе на широк шумски пат кој води во правец на врвовите Две Уши  и Флора. Шумскиот пат завршува неколку километри под врвот Двете Уши и преоѓа во планинарска патека се до под врвот Флора, каде повторно се излегува на шумски пат кој преку Орлик ве води до руинираниот стар планинарски дом Висока Чука.

Состојба: Целиот овој сегмент на трансверзалата ве води по живописна, јасна и добро маркирана патека, вклучувајќи и нови делови кои се наменски креирани за Македонската Бесконечна Трансверзала.

Висока Чука – Демир Капија

Трансверзалата продолжува да се спушта по падините на Кожуф по предели со висока густа шума , менувајќи се од зимзелена во листопадна и обратно. Со понатамошно намалување на висината пејсажот почнува да се менува па се преоѓа во предел на се повеќе потоци и реки , нискостеблеста шума и по преоѓање на јужното било на карпестиот рид Крастовец се навлегува во „долината на кактуси“ во реонот на селото Клисура. Од атарот на село Клисура патеката продолжува по источната страна под карпите на Крастовец и се спушта на јужниот излез од Демир Капија.

Состојба: Овој дел на трансверзалата е целосно маркиран. Од Висока Чука па се до преминот на Дренска река трасата води по широки патишта кои се менуваат од убави шумски патишта до потесни патеки.  По Дренска река се преоѓа на планинарска патека за во атарот на село Клисура повторно накратко се движите по колски пат. Трасата завршува по убава козја патека до спуштањето во Демир Капија.