Секција Z2 : Вратница – Ростушки мост – 202.3km

Постојат планинарски патеки кои ги поврзуваат планините. И постои Balkan Skyline Trail – патека која одбива да се симне!

Z2 , односно Балканската Небесна Трансверзала е втората секција на западното крило на Sammiana – Македонската Бесконечна Трансверзала и е дизајнирана со една определена логика: да остане толку високо, колку долго е можно. Со просечна надморска висина од 2030 метри на должина од над 200 километри, ова е долга планинарска трансверзала со далеку најголема просечна висина на Балканот и помеѓу највисоките долги пешачки коридори во Европа .
Трасата го следи гребенот на Шар Планина и масивот Кораб – два македонски колоси кои се сеуште речиси непознати во меѓународната планинарска заедница. Шар Планина е планински свет сам за себе: алпски пасишта на над 2 000 метри, леднички езера расфрлани низ камените базени, гребени кои не се спуштаат туку продолжуваат – еден по друг… кон хоризонтот. Кораб пак, со своите 2764 метри надморска висина го доминира западниот дел на трасата со сурова, безкомпромисна присутност.
Ова не е патека за трансверзалци кои бараат инфраструктура. Нема планинарски домови за секој ден, нема асфалт во близина, маркациите во моментов се реткост, а помошта ако затреба е далеку ! Но, она што постои е автентичен планински простор – ненаселен, незаштитен, непренатрупан и пред се неверојатно убав, каков Европа сè помалку може да понуди. Навигацијата во голем дел зависи од GPS, водата доаѓа најчесто од планински извори и поточиња, а временските промени на оваа висина пристигнуваат брзо и без најава.

Елевациски профил на секцијата:

GPS запис:

Записот за секцијата Z2 ( Balkan Skyline Trail / Балканска Небесна Трансверзала ) е комплетен со сите траки, маркери, слики од точки од интерес и додадена дигитална елевација.

Превземете го комплетниот GPS запис (KML формат ) од оваа секција ТУКА

Објаснување за значењето на маркерите , типовите на стази и бои кои се користат може да прочитате ТУКА

Google МАПА : ( Како се користи ? )

Галерија

Национални Паркови


Оваа секција поминува низ националните паркови НП Маврово и НП Шар Планина. Почитувајте ги правилата на националните паркови и посетете ги нивните веб страни за да се информирате за последните соопштенија и останати корисни информации.
Некои од правилата во националните паркови:
– Во националниот парк Маврово потребно е да извадите карта за секој ден престој, која може да ја извадите тука
– Во националниот парк Шар Планина пристап со возило се наплаќа на дневна основа и истиот може да го платите преку телефонска порака на броевите кои се излистани на таблите поставени на пристапните патишта.
– Местата означени како „камп“ на мапата не се официјални кампинг зони одредени од националните паркови, односно истите се индикативни како места за вечерно бивакување и несмеат да се користат за класично кампување.
– Палењето огин во рамките на националните паркови е строго забрането, освен на строго определени места !

Напомена: При движењето по пасишта на оваа секција може да наидете на стада овци кои најчесто се придружувани од овчарски кучиња кои реагираат заштитнички кон стадото со лаење и агресивно однесување за што се и тренирани. Потребно е да се избегнува поминување во непосредна близина на стадата овци и при реакција на кучињата најдобро е да реагирате смирено и да остварите контакт со овчарот кој безбедно ќе ве проведе покрај стадото. Најдобро е да остварите контакт со овчарот уште пред да се доближите до стадото. Советуваме и секогаш да носите свирче со вас.

Опис/Статус:

Вратница – Доброшки езера

Balkan Skyline Trail, односно секцијата Z2 на Македонската Бесконечна Трансверзала започнува од работ на селото Вратница, каде патеката веднаш ве одвојува од цивилизацијата и ве внесува во прегратките на старата букова шума. Првите километри се карактеризираат со благ, но постојан успон по убава шумска патека, каде круните на дрвјата прават длабока сенка дури и во најврелите летни денови. Како што добивате на висина шумата станува уште поживописна – буки, дабови, зимзелени, со повеќе потоци и извори што го прават амбиентот свеж и пријатен. Патеката се искачува постојано, но без драматични стрмнини на почетокот, давајќи време да се навикнете на ритамот и да уживате во звуците на шумата и водата.
Со понатамошно искачување ги поминувате сипарите под врвот Љуботен, еден од најмаркантните врвови на Шара, за наеднаш да се искачите на седлото под врвот Љуботен од каде почнува ново искуство на Запад , каде веќе со многу поблага нивелација се движите во близина на билото се до Куќинагледски врв, познат и како Пирибрег. На овој сегмент веќе ќе ја осетите потребата да погледнете на мапата и да го проверите ГПС сигналот. Од самиот врв патеката продолжува на запад со малку поизразени промени на висината но по сеуште мека патека која полека станува потехничка со доближувањето на Езерски врв. Пред главниот гребен на Езерски врв патеката ве спушта на падините под врвот, поточно до горното Доброшко езеро

Состојба: Патеката до седлото под Љуботен е во најголем дел маркирана, а потоа е потребно повремено да пазите на ГПС сигналот. Вода има доволно на патеката, освен во делот помеѓу Пирибрег и Доброшки езера кога патеката води по или во непосредна близина на гребенот на Шар Планина, кој и не се препорачува да го поминувате во лоши временски услови.

Доброшки Езера – Караниколичко Езеро

Од горното Доброшко езеро за кратко се искачувате на Јужниот гребен под Езерски врв . Тука патеката веќе станува помалку техничка и бара почесто проверување на ГПС сигналот, се до излегувањето на главниот гребен на Шар Планина, каде продолжувате по интересна но позахтевна патека се до врвот Пескови, од каде патеката повторно станува помека преминувајќи преку пространи ливади со планинска трева и широки погледи кон целата Полошка котлина, но и на целата северна страна на косовскиот дел од Шар Планина поради фактот што често се движите по самиот гребен на планината. Со продолжувањето по трансверзалата полека се приближувате од северната страна на триото Кобилица-Трескавец-Вртоп – едни од напознатите и најмаркантни врвови на шарпланинскиот масив каде ќе ја осетите нивната големина. Патекате потоа ве води од нивната поблага јужна страна, така да ќе ја искусите целата убавина на овие врвови. По одминувањето на Вртоп, патеката веќе станува попитома и со поминувањето на неколку брзи планински потоци и реки ве води до брегот на можеби најубавото езеро на Шар Планина – Караниколичко езеро.

Состојба: Во овој сегмент патеката е многу разнолика – од малку техничка и карпеста, преку добро разгазена и јасна патека па се до отворени широки ливади каде ќе мора да се ориентирате според ГПС сигналот и мапата. Вода има на повеќе места меѓутоа сепак ќе треба да планирате бидејќи во првата половина од овој сегмент се движите по гребенот. Поради овој факт имајте ја во обзир и вашата изложеност на временските услови.

Караниколичко Езеро – Попова Шапка

Овој сегмент почнува од познатото Караниколичко Езеро од каде по кратко искачување добивате еден од најживописните погледи на долината на Лешница и карпестите врвови кои ја опкружуваат и во која околина ќе се движите скоро целиот сегмент, осечајќи ја убавината на Лешница во секој нејзин детал. Патеката најпрво ве спушта во клисурата на Скакалечка река, а потоа повторно ве издига на падините под врвовите Скакала и Залина, односно преку долината на карпите до малото ледничко езеро Сорупа. По кратко искачување после Сорупа, патеката почнува побрзо да се спушта во срцето на Лешница и после долго време повторно влегува во зимзелен шумски појас кој ја опкружува оваа позната долина. Следуваат познатите лешнички локации – кривошиските кади и кривошискиот водопад, каде патеката веќе стрмно се искачува на другата страна на Лешница, односно на јужната страна на трите лешнички карпи, како што се нарекуваат овие грамадни врвови кои надвиснуваат над долината на Лешница. По одминувањето на седлот под врвот Плат ( првата лечничка карпа ), набрзо патеката излегува на земјен пат кој ве води се до туристичкиот – ски центар Попова Шапка, кое е на сосема кратко растојание од самата патека на патеката.

Состојба: Патеката е маркирана само во првите неколку километри по што следува малку подолг дел каде ќе биде потребно почесто да се проверите според ГПС сигналот се до спуштањето во Лешница а наместа и понатму кон Попова Шапка. Вода има во изобилство на овој сегмент.

Попова Шапка – Луково Поле

Од Попова Шапка во првите 6км патеката води по широк планински пат со мала промена на висината. По одвојувањето од патот следува дел со пространи планински ливади каде патеката е чесно нејасна но движењето е лесно а трасата ве води со малку поголем наклон повторно до главниот гребен на Шар Планина. По излегување на самиот гребен односно на границата со Косово, а во исто време од јужна страна се приоѓа на Бориславец – уште еден познат шарпланински маркантен врв/ гребен, попатно поминувајќи во подножјето на Челепински врв . Патеката потоа преминува на јужната страна на Бориславец спуштајќи се до преубавото Црно Езеро – уште едно од убавите шарпланински леднички езера сместено во живописен високогорски амбиент. Спуштајќи се од Црно езеро се излегува на земјен планински пат кој без поголема нивелација ве внесува во еден од најзафрлените и диви делови на Шар Планина – долината на река Маздрача, над која се издигнуваат братските врвови Мала и Голема Враца и низ која накратко ќе поминете низ убав шумски дел од долината. Следува искачување јужно кон Будимов Гроб, од каде амбиентот повторно се манува во поблаг ливадести каде излегувате на планински пат кој ве води на запад се до Долно Луково Поле, попатно поминувајќе под врвот Радика, последен позначаен врв од Шарпланинскиот масив

Состојба: Патеката речиси и да не е никаде маркирана. На почетокот и при крајот на овој сегмент се движите по широки планински патишта, но во средишниот дел потребна е повремено да се проверува мапата. Најдолгиот дел без извор на вода е 8км.

Луково Поле – превој Шкртец

Овој дел од патеката ве води низ еден од најмоќните, најубавите но и најсуровите предели на Македонија – масивот на Кораб. Од Луково Поле тргнуваш низ широк простор, со чувство дека планината уште не решила дали ќе те пушти внатре или не. Набрзо се доаѓа до билото на најсеверниот дел од Корабскиот масив, каде патеката врти на југ и го следи билото кон врвот Зиберова Кула, кој несомнено го има еден од најубавите погледи на целата трансверзала, каде ќе ја почуствувате моќта на она што е пред вас – високите карпести врвови на корабскиот масив. Следи кратко спуштање до превојот Голема Корабска Врата, а самото име кажува дека ова е големата врата кон Кораб, од каде продолжувате низ вертикални контрасти во непосредна близина на корабските врвови Бел Камен, Црна Чука и Кепи Бард, за да се споите на главната патека помеѓу Стрезимир и Голем Кораб и набрзо повторно да ја напуштите во правец на Мал Кораб и долината на Длабока река. Се продолжува по алпска, претежно тесна, а наместа дури и опасна патека. Секој чекор на оваа делница нуди различен агол на планината, откривајќи скриени циркови и суводолици кои изгледаат недопрени од човек. По одминувањето на изгревното езеро и уште неколку маркантни корабски врвови , наеднаш повторно се отвара пошироко високогорско пространство со пространи ливади – превојот Шкртец .

Состојба: При добри услови овде е спектакуларно. При лоши – потребна е наместа полна концентрација, додека воопшто не се препорачува поминување додека сеуште има снег или значително лоши временски услови. Еден помал дел од патеката е маркиран и на голем дел патеката е јасна, но сепак на повеќе места ќе има потреба да се проверите според ГПС сигналот. Вода има доволно но потребно е планирање земајќи го во обзир поспорото движење и тежината на теренот. Овој сегмент не се препорачува за планинари кои претходно немале искуство со движење по ваков терен.

Шкртец – Ростушки мост

Од превојот Шкртец продолжувате по корабскиот масив по многу попитома и поразгазена патека по која ќе ги преминете и планините Дешат и Крчин, патека која води цело време јужно се до подножјето на врвот Голем Крчин. Иако попитома, сепак на овој дел на западната страна сеуште доминираат високи карпести врвови кои без срам ќе ви ги полнат погледите и нема да ве остават да се опуштите и да заборавите каде се наоѓате. Сепак, тука се отвораат и нови видици кон длабоките долини и спротивните гребени на планината Бистра. По одминувањето на врвовите Веливар и Голем Крчин патеката го напушта гребенот и почнува постепено спуштање кон долината на Радика. Промената е брза и чувствителна – алпскиот отворен простор се затвора, се враќа убата длабока шума, преминувате од суровиот свет на високите сртови кон питомите долини на Реканскиот крај. Се појавува цивилизација и поминувате во близина на неколку рекански села – Битуше, Велебрдо и Ростуше, а набрзо потоа и завршувате на мостот на реката Радика каде и завршува Balkan Skyline Trail, односно секцијата Z2 на Македонската Бесконечна Трансверзала

Состојба: Патеката во вој сегмент е претежно поширока и добро разгазена, а на одреден дел и маркирана. Сепак на некои места ќе биде потребно да се ориентирате спрема ГПС сигналот бидејки патеката се вкрстува со повеќе други патеки. Извори на вода и чешми има на повеќе места на патеката и тоа нема да ви претставува проблем.