БИДИ ДЕЛ ОД МАКЕДОНСКАТА БЕСКОНЕЧНА ТРАНСВЕРЗАЛА
Повик за волонтери и нови придружни членови

Пред три3 години јавно се објави еден огромен проект за кој скоро сите помислија дека е само фантазија.
Денес, Самиана – Македонската Бесконечна Трансверзала е реалност: комплетирани осум секции односно речиси 1400км од кои над половина и теренски маркирани, планинари од цел свет кои доаѓаат во Македонија специјално за неа, нешто што станува големо обележје на нашата земја за идните генерации, а тоа е најголемата планинарска трансверзала на Балканот и меѓу најдолгите во светот!
Но, сè уште не сме готови. Приказната штотуку почнува!
Оние неколку кои го пронајдоа предизвикот денес се дел од асоцијацијата Македонска Бесконечна Трансверзала – Самиана и успешно работат на довршување и усовршување на трансверзалата. Но, со растечкиот интерес – домашен и меѓународен – растат и задачите. Бараме нови волонтери и придружни членови на асоцијацијата кои сакаат да се приклучат на тимот Самиана.
Не бараме строго одредени профили или позиции. Бараме луѓе кои ја чувствуваат идејата и сакаат да придонесат – на терен, во комуникација, во креирање содржини или на кој било друг начин. Секој наоѓа свое место со текот на времето.
КАДЕ ИМА ПРОСТОР ЗА ПОМОШ
Во моментов има потреба во повеќе области:
Терен – одење и проверка на трасата, маркирање, чистење, додавање точки од интерес и корисни информации. Некои задачи бараат искуство, некои само добра воља, некои и физичка подготвеност. Познавањето на GPS технологијата е предност, но не е услов – спремни сме да обучиме.
Комуникација – контакти со општини, државни институции, потенцијални спонзори и локално население. Не мора да биде активен планинар – но мора да биде комуникативен и организиран.
Социјални медиуми и содржини – Креирање на содржини, фотографија, пишување. Некој со чувство за пишување и визуелна презентација кој ја разбира идејата на проектот.
Поддршка за планинари трансверзалци – одговарање на прашања, помош при планирање, комуникација со посетители кои доаѓаат од странство.
ШТО НУДИМЕ
Не нудиме плата – нудиме нешто поретко: можност да бидеш дел од проект кој остава трага. Планинарење на места каде малкумина се упатиле, заедница на луѓе со иста страст, знаење и искуство кое тешко се стекнува на друг начин. Ако препознаваш нешто од ова и мислиш дека можеш да помогнеш, ќе разговараме и заедно ќе видиме каде најдобро се вклопуваш.
Да нема забуна – Асоцијацијата МБТ Самиана не е планинарско друштво со кое ќе искачуваш врвови. Ние го поминуваме денот уредувајќи и градејќи ја Македонската Бесконечна Трансверзала. Ако сакаш да ја запознаеш Македонија подлабоко, а не само нејзините врвови – ако сакаш да создаваш патеки за другите, а не само да одиш по нив, ако сакаш да бидеш дел од создавањето на Самиана – ова е за тебе, продолжи со пополнување :

