Македонската Бесконечна Трансверзала сега е со комплетна секција I3, а Македонија си доби уште една прекрасна трансверзала, со должина од 134.3км помеѓу Демир Капија и Лебедово езеро.

Името кое и го дадовме – „Трансверзала на спили и водопади“ одлично ја отсликува оваа секција бидејќи спилите и карпестите формации доминираат во еден дел, а водопадите во друг дел од секцијата, односно ова е секција со најголем број водопади – повеќе од 10 поголеми и многу помали водопади, слапови, вирови и реки.

Секцијата I3 е секција на која сме посебно горди бидејќи се состои од над 80% нови патеки трасирани и чистени специјално за трансверзалата и бидејќи води претежно низ предели кои се неправедно заборавени досега, вклучувајќи и неколку локации кои будат вистинско воодушевување кога ќе ги посетите !

Воедно ова е секција која од самото објавување е без ниеден прекин на трасата, што значи спремна за користење во целата нејзина должина и со сите маркери, описи, додадена дигитална елевација и слики од одредени точки.

Со здравје да ја користат сегашната и идните генерации !